Здравје

Претераната грижа за здравјето може да има опасни последици

14. ноември 2017 - 16:06 | А.С.

Едно најново истражување покажа дека и претераната грижа за здравјето може да се одрази подеднакво лошо колку и неводењето грижа за сопственото здравје.

Недоволното движење, лошата исхрана и анксиозноста се на врвот на листата ризици за појава на кардиоваскуларни болести. Меѓутоа, и опсесивната грижа за здравјето и претераното вежбање може да остават опасни последици.

Истражувањето што неодамна го спроведоа научници во Норвешка покажа дека луѓето со здравствена анксиозност, односно кои постојано се загрижени дека боледуваат од нешто или се во опасност од некоја болест иако немаат никакви симптоми, всушност си штетат на сопственото здравје.

Луѓето кои се грижат за своето здравје, редовно вежбаат, здраво се хранат и општо имаат здрави животни навики, спаѓаат во неризична група за развивање на кардиоваскуларни болести. Меѓутоа, кога оваа грижа ќе премине во опсесија, ефектот на „здравиот живот“ е обратен.

Истражувањето спроведено на 7.000 испитаници родени во периодот од 1953 до 1957 година опфатило неколку параметри, како стил на живеење, здравствена состојба и ниво на образование на испитаниците.

Во заклучоците од истражувањето е наведено дека луѓето кои патат од здравствена анксиозност, односно претерано се грижат за здравјето и опсесивно вежбаат, имаат до 70% поголеми шанси да развијат некоја болест во споредба со луѓе кои не водат толкава грижа за своето здравје.

Ова истражување е уште еден доказ дека треба да правиме сѐ во умерени дози и дека опсесивноста, дури и кога е со добра намера, може да биде штетна за нас

Коментирај