Претседателката Гордана Силјановска-Давкова бара веднаш да се препрочита Законот за управување со кризи и целосно преиспитување на организацијата внатре, со цел подобро и полесно справување со пожарите кои речиси секое лето ја зафаќаат државата.
Таа е уверена во способноста на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и неговиот тим, како и во подготвеноста на војниците и пожарникарите.
-Го слушав Стојанче и неговите предупредувања, мирна сум знаејќи дека генералот зад мене ќе ја преземе командата со војниците. Знаеме дека се работи за врвно едуцирани пилоти, не само вешти, туку и пожртвувани и храбри. Се молам да падне дожд, врвен експерт за климатски промени ми рече дека може да очекуваме дожд, не дека тоа ќе ја реши ситуацијата. Но, таму каде е најопасно имаме луѓе. Местото на претседателката како врховна командантка е таму каде што има припадници на војската. Утрово рано ја потпишав Одлуката, верувам во нивната способност зашто секогаш кога било најтешко тие се наоѓале на вистинското место. Сe зголемува бројот и можностите за ангажман. Јасно ми е зошто е сонцето на нашето знаме, не е само нашата Република во пламен, сиот Балкан е во пламен, рече Сиљановска Давкова во посета на припадниците на Армијата вклучени во гаснењето на големиот шумски пожар на планината Серта кај неготинското село Калањево.
Претпладнево, со Одлука на Силјановска – Давкова, ангажирани се дополнителни 200 припадници на Армијата за гаснењето на пожарите, со што вкупниот број на ангажирани армиски припадници е 300. Заедно со досегашните 100 припадници, кои се ангажирани од почетокот на прогласување на кризната состојба, дополнителните сили ќе извршуваат активности на локации каде ќе има потреба и кои ќе им бидат доделени од страна на Центарот за управување со кризи, кој е надлежен за координација на сите вклучени институции.