Мобилни

Претставен новиот iPhone 8: Безжично полнење и подобар процесор

12. септември 2017 - 20:49 | К.З.

„Apple“ ги претставите новите модели, iPhone 8 и iPhone 8 Plus, кои се наследници на минатогодишните iPhone 7 и iPhone 7 Plus, но со подобри процесори, камери и различен дисплеј.

Директниот скок од iPhone 7 на iPhone 8 е голем потег за компанијата „Apple“, бидејќи е првпат по 2009 година iPhone да нема подобрена „S“ верзија на некој од нивните телефони.

„Со години работиме и креираме неверојатни иновации, за денеска да можеме да ви претставиме нови, огромни iPhone новости“, возбудено изјави Тим Кук, додека ги претставуваше двата нови модели.

Новиот iPhone 8 ќе биде достапен во три бои, а дизајнот го наследи од неговиот претходник, верзијата 7. Двата модели, iPhone 8 и 8Plus, ќе имаат алуминиумско тело од серијата 7000, а однапред и одзади ќе бидат обложени со стакло, кое Тим Кук тврди дека е најцврстото стакло во светот. Дисплејот ќе ја поседува познатата True Tone технологија која ја користи iPad Pro таблетот, а која му помага на дисплејот да се приспособи на светлината која го опкружува корисникот, што пак овозможува да прикаже поубави бои.

Исто така, двата модели имаат сосем нов процесор, наречен А11, кој има шест јадра и за првпат телефонот ќе може да ги користи сите шест јадра одеднаш, што ќе ги подобри неговите перформанси за 70% за разлика од претходниот процесор од серијата А10.

Новиот iPhone 8 има камера со 12 мегапиксели, но таа е усовршена во однос на претходниот модел со тоа што овојпат поседува автоматска анализа на кадар, за подобро да се фокусира предметот или личноста што се слика. 8 Plus моделот повторно има две камери.

Благодарение на стаклениот заден дел, корисниците ќе можат да го полнат телефонот безжично, што креаторите на iPhone веруваат дека многу ќе им помогне на нивните клиенти бидејќи им се овозможува полесно полнење на јавни места како што се ресторани, трговски центри и аеродроми.

Цените на новите модели се 699 и 799 евра и тие ќе можат да се нарачаат уште од 15 септември.

Коментирај