За наградата „Драги“ оригинално беа номинирани 37 преведувачи од 16 издавачи и едно приватно издание.

Комисијата што ја доделува наградата за книжевен превот „Драги“, во состав: Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач), ги соопшти десетте преведувачи со изданија објавени од 7 издавачки куќи кои влегоа во вториот круг за наградата.
1. Алида Муча за преводот од албански јазик на „Премин во времето“ од Миѓен Келменди, во издание на Темплум.
2. Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинцбург во издание на Артконект.
3. Давор Стојановски за преводот од словенечки јазик на „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли во издание на Антолог.
4. Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на Артконект.
5. Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на Бегемот.
6. Јовица Ивановски за преводот од српски јазик на „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ во издание на ПНВ Публикации.
7. Катерина Јосифоска за преводот од германски јазик на „Тил“ од Даниел Келман во издание на Артконект.
8. Катица Гаровска Ацевска за преводот од бугарски јазик на „Абсолво те“ од Георги Бардаров во издание на Полица.
9. Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на Артконект.
10. Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.
Освен главната награда комисијата и организаторите одлучија од годинава да се доделува и интернационална награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик.
„Земајќи го предвид нивото на преводот, но и другите параметри важни при појава на одреден превод во друга културна средина (рецензии, влијателност, интерес за авторот, препознатливост, зголемување на интеркултурниот дијалог, итн.) жирито се одлучи годинава со интернационалната награда ‘Драги’ да биде награденa превeдувачката Александра Јоаниду од Грција за преводот на книгата ‘Мојот маж’ од Румена Бужаровска на грчки јазик, во издание на ‘Гутенберг’“, соопштија организаторите, додавајќи дека станува збор за првиот превод од македонски автор на грчки јазик на кој е наведено дека јазикот на оригиналниот е македонски.

На 1 септември 2022 година тимовите на издавачката куќа „Антолог“ и на Фестивалот „BookStar“ дадоа иницијатива да се востанови наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик, во што семејството на Драги Михајловски ја даде својата безрезервна поддршка. Заедничката цел беше, од една страна, да се даде прилог кон овековечувањето на животот и делото на Драги Михајловски, а од друга страна, да се постави нов стандард во вреднувањето на преведувачката дејност.
Првото почесно признание постхумно беше доделено токму на Драги Михајловски. Наградата официјално ќе почне да се доделува оваа година на годишно ниво на конкурс на кој ќе може да учествуваат сите издавачки куќи и преведувачи со веќе објавен превод.

За наградата можеше да се конкурира со книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2022 година и 30 јуни 2023 година.
Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик).
Наградата се доделува за превод на дела од сите книжевни видови: проза, поезија и драма.
Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи.
Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги.
Еден преведувач не може да биде номиниран со повеќе од еден превод.
Конкурсот беше отворен до 30 јуни 2023 година.