Пријавување родово базирано насилство: Колку пати жртвата ја преживува траумата?

Секоја заедница во светот се соочува со разни форми на насилство и додека за повеќето од нив се известува на дневно ниво во мејнстрим медиумите, за злоделата што се извршуваат зад затворени врати, во домовите на жртвите, ретко се слуша и уште поретко се зборува и се пишува во медиумите, без сензационализам. Сексуалното  насилство и родово базираното насилство најчесто се јавуваат во средини каде постои општ недостиг на почитување на човековите права.

Постојат многу митови и стереотипни ставови за родово базираното насилство, кои го обликуваат начинот на кој општеството гледа и реагира на насилството извршено врз жените. Таквите митови и ставови се штетни затоа што имаат тенденција да го вперуваат прстот кон преживеаните од насилството, наместо да ги сметаат извршителите на насилството одговорни за нивното однесување. Исто така, можат да направат дополнителна штета на жените кои доживеале насилство и можат да ги спречат здравствените работници да обезбедат соодветна медицинска нега. Затоа е од суштинско значење сите чинители, вклучувајќи ја јавноста, да ја разберат разликата помеѓу митот и фактите, со цел да ја разберат состојбата на лице кое преживеало насилство, неговите потреби и да одржат професионален и непристрасен став.

Конечно добивме Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство

Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство во Република Северна Македонија се имплементира од мај 2021 година, и во моментов  Министерството за труд и социјална политика (МТСП) располага само со податоци за семејно насилство, по кои постапуваат  центрите за социјална работа на територијата на земјата. Со новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство предвидена е посебна глава која се однесува на воспоставување на системот на база на податоци за жртви на родово базирано насилство. МТСП има формирано работна група за изготвување на подзаконски акти кои произлегуваат од  новиот Закон. Во оваа работна група членуваат стручни лица од надлежните институции и граѓански организации, со поддршка од меѓународни организации. Во моментот се работи на изготвување на подзаконски акти, меѓу кои се и подзаконските акти за воспоставување и собирање на база на податоци за насилство врз жени и семејно насилство од страна на надлежните институции и тоа: Министерство за труд и социјална политика, Министерство за внатрешни работи, Министерство за здравство и Министерство за правда, како и судовите и јавните обвинителства. 

Според податоците достапни од 30 центри за социјална работа, состојбата е следна: во 2020 година бројот на новоевидентирани жртви на семејно изнесува 1.531 жртва на семејно насилство, од кои 1.161 се жени жртви на семејно насилство, а 121 деца ( машки пол: 60, женски пол: 61).Од пријавените случаи од урбана средина се 1.129, а од рурална средина  402 жртви на семејно насилство; во 2021 година (јануари -март) бројот на новоевидентирани жртви на семејно насилство изнесува вкупно 355 жртви на семејно насилство од кои жени се 251 жртва, а деца 39 (машки пол 17 и 21 женски пол). Од пријавените жртви на семејно насилство од урбана средина се 288 жртви, а 67 жртви се од рурална средина.

За сите овие пријави, центрите за социјална работа имаат постапувано во делот на помош, поддршка и заштита на жртвите на семејно насилство, како и во делот на обезбедување на социјални услуги. Од МТСП велат дека со Законот  за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство се проширува системот на превенција и заштита од сите облици на родово базирано и семејно насилство, во согласност со стандардите од Истанбулската конвенција, а има за цел превенција и спречување на родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите со почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот на РСМ.

Согласно член 40 став 2 од овој Закон, надлежните институции се должни да постапат и ако е пријавата анонимна. Субјектите кои се надлежни за спроведување на овој Закон се должни на меѓусебна соработка за остварување на целите од овој Закон. Надлежни за спроведување на Законот се сите органи на државната управа, судовите, Јавното обвинителство, единиците за локална самоуправа и правните лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, а истите согласно член 12 се должни да соработуваат за остварување на целите од Законот со изготвување на протокол за меѓусебна соработка, кој, исто така, е во тек на изработка. Согласно член 44 надлежните институции се должни да постапуваат со жртвите на начин на кој ќе ги заштитат дополнително од виктимизација или ревиктимизација преку преземање соодветни  мерки во согласност со своите надлежности.

Во поглед на заштитата за пријавителот на родово базирано насилство, правната, социјалната, психолошката помош, од МТСП добивме одговор дека во тек е изработка на подзаконски акти во согласност со Законот, а со истите се регулираат привремената мерка за заштита на жртвата, начинот на спроведување и следење на изречените привремени мерки за заштита и начинот за спроведување на проценката на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство  на жртвата и на ризикот од повторување на насилството, соодветното управување со ризикот спроведување и следење на мерките за заштита на жените  жртви на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство, преземени од центарот за социјална работа и потребните обрасци. Исто така, велат од МТСП, во тек е изработка на Програмата за реинтеграција на жртвите на насилство кои вклучуваат модели за привремено домување, психичко советување, различни видови на финансиска помош специфични наменети за жени жртви на насилство, можности за образование и обуки во различни области, како и мерки за вработување. 

Институционален лавринт и повторно преживување на траумата

Жртвите на родово базирано насилство неретко се наоѓаат заглавени во институционалниот лавиринт, па покрај (најмалку) еднаш доживеаниот напад, се соочуваат со повторно преживување на траумата, одејќи чекор по чекор, од една институција до друга, прераскажувајќи го доживеаното. Родово базирано насилство  има право да пријавува секое лице кое има сознание за неговото постоење и е должен да пријави во полициска станица, центар за социјална работа, Јавно обвинителство, здружение или С.О.С. линија. Се прави извештај во рок од 12 часа од приемот на пријавата, а по првата проценка на ризик се одлучува како понатаму ќе се постапува. Потоа се одредува дали ќе ѝ се понуди на жртвата некоја од мерките за заштита (шелтер, бесплатна правна помош, психо-социјална поддршка и советување, поврзување со кариерен советник од Агенцијата за вработување итн.)

„Доколку се процени дека ѝ е загрозен физичкиот интегритет, полицајците можат да поднесат предлог за изрекување на итни мерки за заштита, а тоа се отстранување на насилникот од домот и забрана за приближување во траење од 10 до 30 дена. Оваа мерка се предлага без согласност на жртвата“, објаснува Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка/правна советничка во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Таа додава дека понатаму, ЦСР или жртвата можат до граѓански суд да поднесат привремени мерки за заштита таксативно наброени во чл.56 од законот и овие мерки се во траење од минимум 3 месеци до 1 година. Треба да се напомене дека граѓанскиот и кривичниот систем на заштита не се анулираат и можат паралелно да се водат, а ЦСР и ПС имаат обврска за мултисекторска соработка.

„Доколку има елементи за кривично дело по кое се гони по службена должност по давање на изјава кај надлежен полициски службеник истата се составува како кривична пријава и се дава на надлежен јавен обвинител на разгледување и понатамошно постапување. Може пријава да се поднесе и директно во ОЈО. Доколку делото не се гони по службена должност, на пример, телесна повреда, тогаш жртвата треба да даде предлог за поднесување на пријава за делото. Постапката по кривична пријава ја води јавниот обвинител заедно со правосудната полиција. Надлежен е кривичен суд. Важи правилото на пресумпција на невиност согласно Устав“, појаснува Аврамоска Нушкова.

Помошта се наоѓа во различни форми и надвор од институциите

Законското решение предвидува мултисекторски, институционален и координиран пристап во справувањето со насилството и прва инстанца се центрите за социјална работа или полицијата кои се должни да постапат, а судот носи одлука в согласност со констатираниот полициски извештај.  Разговаравме со Ивана Костовска, социјален работник која целото работно искуство го има стекнато во невладиниот сектор и работела со жени жртви на семејно насилство. Таа укажува дека нејзината улога во овој процес отпочнува уште пред клиентката да стигне до Центарот за социјална работа.

„Најчесто на жртвите им е потребно охрабрување, психолошка помош и поддршка и зајакнување на снагите, пред да одлучат да го пријават насилството во центрите за социјална работа или полиција. Укажувањето на опциите за помош и упатување во советувалиште, каде што можат да добијат бесплатно психолошко советување, се можеби најважните чекори при работа со жртви на семејно и родово базирано насилство. Без овие процеси, жрвите најчесто не се охрабруваат да пријават и остануваат во кругот на насилството. Понатаму, во институционалното решавање на случаите, честопати ги придружувам клиентите до релевантните институции“, вели Костовска, чие претходно искуство е како социјална работничка во советувалишен центар за жени жртви на насилство, а во моментот работи во Сигурната куќа/ шелтер за ЛГБТИ жртви на насилство и Скопскиот квир центар/ специјализирано советувалиште за ЛГБТИ луѓе, во истото својство.

„Приемот на клиентите, првичната проценка и придружбата до институции се основните задачи на социјалниот работник при работа со жртви на семејно и родово базирано насилство. Во моментот за оние кои пријавуваат родово базирано насилство и на кои им е потребна психолошка помош и поддршка, постојат две специјализирани советувалишта за жени жртви, Алтернатива и Првиот семеен центар, и специјализираното советувалиште за ЛГБТИ лица, Скопскиот квир центар, кој го споменав погоре. Потребата од советувалишта кои нудат бесплатна психолошка помош за жртви на семејно и родово базирано насилство е огромна. На пример, Скопскиот квир центар, на месечно ниво, обезбедува 25-30 бесплатни сеанси, а штотуку е отворен и поради вонредната ситуација во која живееме генерално сѐ уште нема добиено соодветна промоција“, истакнува Костовска.

„Знаеш ли ти кого пријавуваш?“

Лавиринтот низ кој жената жртва на родово базирано насилство треба неминовно да помине, од пријавување на случајот до судска разврска, е долг и неизвесен. За жал, тоа е подобрата варијанта во споредба со оние случаи кои не стигнуваат ни до пријава.

Лидија М. (41) веќе неколку години е разделена од сопругот и чека правна разврска на бракоразводната постапка. Имаат две малолетни деца кои сега живеат со неа. Додека уште биле во брак и живееле заедно, речиси секојдевно била подложена на вербално, психичко и физичко насилство, омаловажување, закани по физичката безбедност, а откако се отселила од семејниот дом, малтретирањето не престанало. Поранешниот партнер продолжил да ја следи, да ѝ се заканува, а често и да „стражари“ пред нејзиниот нов дом.

Кога првпат се обидела да го пријави случајот, била сопната уште на самиот почеток.

„Кога влегов во полициската станица и кажав дека сум дојдена да го пријавам сопругот бидејќи, иако сме разделени, психички ме малтретира и ми се заканува, од двајца од полицајците добив одговор: ‘Врати се дома и не доаѓај повеќе. Знаеш ли ти кого пријавуваш? Знаеш дека пријавата магично ќе исчезне? Најдобро е да си поќутиш и да се смирите. Ќе ти помине лутината, ќе заборавиш.’“, раскажува Лидија и додава дека потоа уште двапати се обидела да пријави, од кој едниот пат успешно, но насилникот ја чекал пред нејзиниот дом уште пред да се врати од полициска станица и продолжил да ѝ се заканува дека „ќе зажали“ ако продолжи да го пријавува.

„Живееме во град каде секој со секого се знае. Тој е влијателен и има многу пријатели на високи позиции. Ми беше страв дека ќе ги изгубам децата ако продолжам да го гонам. Затоа решив барем да се разведам, барем да престане да ме малтретира. Среќа, на децата никогаш не кренал рака“, вели нашата соговорничка, чие име е сменето  за да се заштити нејзиниот идентитет.

За жал, приказната на Лидија е само една од многуте кои никогаш нема да ја видат светлината на денот во правна разврска. Голем број случаи на родово базирано насилство остануваат непријавени, а сторителите неказнети и слободни да продолжат да го повторуваат делото.

Специјализиран тим за постапување по итни предмети од ранливи категории

Министерството за труд и социјална политика, во мај, годинава , соопшти дека е формиран специјализиран тим за постапување по итни предмети од ранливи категории на корисници на права и услуги од надлежност на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје: деца на улица, бездомни лица, семејно насилство, нереализирање на видувања, питачење, полов напад над деца, малолетничка деликвенција и сите останати групи на граѓани во состојба на ризик.

Специјализираниот тим е во функција 24/7, односно е задолжен за вршење итни увиди во кое било време на денот и во текот на викендите. Тимот, кој се состои од двајца социјални работници, педагог и психолог, постапува по примен повик на дежурните телефонски броеви на лицата за контакт: 078 230 943, Даниела Копчаревска, социјален работник, и 076 381 762, Олга Губерениќ, социјален работник.

Костовска додава дека е запознаена со работата на специјализираниот тим.

„Впрочем, се случувало во неколку ситуации наместо клиентките јас да вртам на бројот на тимот, за да пријавам насилство и да барам да излезат на терен. Тоа најчесто се случувало во доцните ноќни часови.“

Едукацијата е моќна превенција

Во продолжение, информирајте се кои се дефинициите за разните форми на насилство врз жени, формулирани на веб-страницата „Глас против насилство“ на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Насилството врз жените е кршење на човековите права и форма на дискриминација врз нив и ги означува сите акти на родово засновано насилство кои доведуваат или ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, влучувајќи и закани, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.

Родово базирано насилство врз жените е насилство насочено против жената затоа што е жена или корешто несразмерно ја погаѓа.

Домашно (семејно) насилство се сите акти на физичко, сексуално, психичко, економско насилство кои се случуваат во рамки на семејството или домаќинството меѓу поранешни или сегашни сопружници или партнери, без разлика на тоа дали сторителот го делел или сè уште го дели истото живеалиште со жртвата.

Интимно партнерско насилство е насилство од страна на интимен партнер, без разлика дали живеат заедно или не и вклучува образец на контролирачко однесување во кое влегува и психичка, физичка, емоционална, вербална, сексуална и/или економска злоупотреба.

Половата дискриминација е секоја разлика, исклучување или ограничување врз основа на пол што има за последица или за цел да го загрози признавањето, остварувањето или практикувањето на човековите права и основни слободи врз основа на еднаквост на жените и мажите на политичко, економско, општествено, културно, граѓанско или друго поле.

Форми на насилство врз жени

Физичко насилство е форма на домашно (семејно) насилство и се манифестира со употреба на физичка сила или закана дека истата ќе биде употребена. Притоа, опфаќа широк спектар на дејствија како туркање, удирање, кубење коса, клоцање, напад со фрлање предмети кон жртвата, нанесување повреди со оружје, изгореници и слични акти кои може да резултираат со мали или сериозни потреби. Физичкото насилство може да има и фатален исход – обид за убиство или убиство, во најекстремните случаи.

Психолошко насилство се манифестира преку неколку конкретни однесувања, меѓу кои: контрола, изолација, љубомора и предизвикување емоционално страдање на жената, заплашување, закани, спречување да работи надвор од домот, омаловажување или понижување пред другите, барање дозвола за здравствена заштита, инсистирање насилникот во секое време да знае каде е жртвата и со кого и слични однесувања.

Економско насилствo е форма на насилство со која се ограничува и спречува располагањето со личните финансиски средства, за која и да е намена, при што се создава делумна или целосна економска зависност на жртвата. Ова насилство е всушност форма на интимно партнерско и домашно (семејно) насилство.

Сексуално насилство е дефинирано како вагинална, анална или орална пенетрација од сексуална природа, со кој било телесен дел или предмет во телото на друго лице без негова согласност. Тоа вклучува и други акти од сексуална природа со лице, без согласност, како и наведување друго лице да се вклучи во акти од сексуална природа со трето лице, исто без негова согласност. Жени особено ранливи на сексуално насилство се комерцијални сексуални работнички, жени со попреченост, жени сместени во институции, нехетеросексуални жени и жени од одредени етнички, расни или религиозни групи.

Сексуалниот напад е форма на сексуално насилство и се работи за акт кој не е доброволен и се случил со присила, заканување или употреба на физичка сила. Тоа е намерен акт на насилство и манифестација на моќ, контрола и доминација.

Силувањето како форма на насилство може да се појави во повеќе форми и тоа: силување во интимно партнерска врска или брак, силување од страна на познато или непознато лице, групно силување, силување во војна…

Сексуално вознемирување на јавни простори ги опфаќа облиците на несакано вербално, невербално или физичко однесување со сексуален карактер и конотација, со цел да се повреди достоинството, но и да се создаде застрашувачка, понижувачка и деградирачка атмосфера и да се наруши удобноста на жртвата која е цел на ова вознемирување, да се почувствува небезбедна, па дури и да се наведе да мисли дека може да биде цел на физички напад или сексуално насилство.

Демнење е форма на намерно опасно однесување кон друга личност. Ваквото однесување има форма на закана, влевање страв и доведување во ризик на жртвата, која постојано се плаши за својата безбедност. Ова опфаќа и повторувачко опасно однесување кое вклучува следење, демнење, воспоставување несакана комуникација во живо, преку телефонски повици и пораки, како и преку социјалните мрежи и модерните технологии. Притоа, насилникот има за цел постојано да ѝ дава до знаење на жртвата дека е набљудувана и следена, може да премине и во физичко демнење со појавување на места каде таа често се движи (работно место, кафулиња и ресторани каде излегува, настани на јавни простори и слично), а кулминира со физичко оштетување на нејзин личен имот, закани дека ќе повредат луѓе кои ги сака или нејзините миленичиња, но и крадење на идентитетот за да се злоупотребува нејзиното име онлајн.

Сексуално вознемирување на работно место ги опфаќа истите облици како и вознемирувањето на јавни простори, со единствена разлика што се случува на место каде жртвата доаѓа да работи и обезбеди егзистенција за себе и своето семејство. Притоа, повторно се создава непријатна, понижувачка и деградирачка атмосфера, која во крајни случаи може да премине во мобинг, напад, па дури и да се присили жртвата да замине или самата да побара решение во напуштањето на работното место, при што се доведува во прашање нејзината економска независност и егзистенцијата.

Присилна стерилизација е принудно одземање на женските репродуктивни права и потенцијал, преку вршење операција со која се прекинува природната способност за репродукција, а жената не е доволно информирана за постапката и нема дадено јасна согласност за таква интервенција. Покрај физичката неспособност за репродукција, ваквиот облик на насилство може да предизвика и трајна траума, страв од медицински лица и установи, изолација од семејството и бес кон членовите кои ја принудиле или без нејзино знаење се согласиле на стерилизација.

Една од формите на кршење на женските права е присилниот абортус, кога семејството или сопругот/партнерот ја присилуваат жената на ваква интервенција – прекинување на бременост без нејзина информираност и согласност.

Присилни и договорени бракови

Присилните (принудните) бракови се тесно поврзани со насилство врз жени и семејно насилство. Ваквиот начин на склучување бракови е уште една форма на лишување на девојките и жените од нивните основни човекови права – да изберат интимен или брачен партнер – и притоа им се создава емоционален стрес, притисок, а често трпат и психичко и физичко насилство или од членовите на своето семејство или од семејството каде треба да биде „дадена“. Многу истражувања покажале дека присилните/договорените бракови често продолжуваат со психичко и физичко насилство од партнерот или неговото семејство.

Засебна форма на принудени и договорени бракови се малолетничките, односно детските бракови, со оглед на тоа што се смета дека овие деца самите не можат да одлучуваат за ваков голем чекор. Раното стапување во (договорен) брак може да доведе до емоционални, физички и психички страдања, но и да се спречат и уништат шансите за образование и еманципација на овие девојчиња.

Фемицид е најтешката форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на домашно или интимно партнерско насилство. Терминот фемицид означува намерно убиство на жена само затоа што е жена. Пошироките дефиниции ги вклучуваат сите убиства на жени, девојки или девојчиња. Иако во најголем дел од случаите фемицидите ги вршат сегашни или поранешни партнери, тие може да се случат и од страна на член на семејството.

Оваа форма на насилство е идентификувана како водечка причина за прерана смрт кај жените. Се работи за најекстремната манифестација на насилство врз жените, но и покрај тоа, сепак за нив постојат ограничени податоци.

Во Република Северна Македонија фемицидот не е препознаен како посебно кривично дело во Кривичниот законик и се регистрира и води како и секое друго убиство. Отежнувачка околност при судските процеси и постапки е постоењето на семејно или интимно партнерско насилство кое му претходело на убиството.

Видови на фемициди

Фемицид како последица на семејно или интимно партнерско насилство

Овие убиства се нарекуваат и „интимни партнерски убиства“ и се дефинираат како убиство на жена од страна на интимен партнер или лице со кое имала блиски односи. Дефиницијата вклучува убиство на жена од поранешен или сегашен партнер или сопруг, а не го исклучува ниту убиството на жена од друг машки член на семејството.

Доколку насилство остане непријавено или пак не се понуди помош за заштита на жртвата, поголема е веројатноста да ескалира во фемицид.

Фемицид „во име на честа“

Ова е најестремна форма на злосторство, кое има за цел да го контролира однесувањето на жените. Најчесто, членови на семејството, таканаречен „семеен совет“ составен од машки роднини, одлучува што ќе се случува со женскиот член на семејството кој ја направил „грешката“ поради која е осуден на смрт. Таа „грешка“ или „злосторство“ се поврзува со изборот на партнер, образование, работа, начин на облекување, сексуалност, дури и „незадоволување“ на семејните очекувања и стандарди за „женско однесување“.

Постојат и оние случаи кога семејството си ја враќа „честа“ кога жената/девојката била силувана. Во одредени заедници во светот, убиствата „во име на честа“ се случуваат јавно, за да може семејството пред целата заедница или општествена група „да го обели образот“ осудувајќи ја на смрт жената/девојката која ги „посрамила“.

Исто така, како форми на фемицид се препознаени и убиства поради мираз; убиство кога женскиот член е „товар“ на семејството или брачната заедница; убиства поврзани со организиран криминал, кои се поврзани со „мачо-културата“; намерни убиства на жени во војна; женски инфантицид и родово заснован полово селективен фетицид, во општества каде се глорифицира раѓањето на машко дете, а се манифестира и со намерни абортуси кога ќе се дознае полот на детето; убиство кога жени се етикетирани како вештерки/волшебнички; мизогино убивање на жени; како и убиства на жени поради сексуална ориентација, родов идентитет, родова определба и т.н.

 

Оваа сторија е објавена во рамките на регионалната програма “Имплементирање на норми, менување на ставови,” финансирана од Европската Унија и имплементирана од UN Women.

реклама

Развод, отказ, преселба – кого ќе погоди помрачувањето на полната Месечина во Вага?

Read more

Зошто да ставите ориз во бањата?

Read more

Пост на вода - рецепт за вкусни посни плескавици

Read more

Давид Гета доби син со девојката Џесика Ледон

Read more

Теми и коментари

Моќта на гласачкото ливче: 5 причини зошто треба да гласате

Read more

8 Март и ослободувањето на жената – моќните приказни на жените од Македонија

Read more

Дрво по дрво: Кој ги убива белите дробови на Македонија?

Read more

Водич од паталец: Како ти оди борбата за менталното здравје?

Read more
 

Ново

  • play_arrow

Лејкерс ја декласираше Атланта на крилјата на Леброн и Расел

Читај повеќе
  • play_arrow

Левица објави химна за изборите - Ќе победиме

Читај повеќе
  • filter
19 март 1903, последната акција на Гоце Делчев

19 март 1903, последната акција на Гоце Делчев

Читај повеќе

Ненадејно почина момчето на Арина Сабаленка

Читај повеќе

Изгледот на стапалата на Роналдо загрижува, 22 години кариера си го направи своето

Читај повеќе
  • play_arrow

Јакимовски за црната листа: Ниту Американци, ниту свети Американци нема да ни кажат кој ќе ни ја води Македонија

Читај повеќе

Без струја неколку скопски општини

Читај повеќе

Прв пат по 7 години Гризман ќе пропушти натпревар на Франција

Читај повеќе

Претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини снег

Читај повеќе