Македонија

Прилеп живее со атмосферата на „Пивофест“

14. јули 2018 - 9:43 | МИА

Прилеп, 14 јули 2018 (МИА) - Во весела атмосфера и посетители од Македонија и странство помина и втората фестивалска вечер на „Пивофест“. Ниту краткократјниот дожд не ги поколеба посетителите да уживаат во добрата забава за која се погрижија групите „Ван Гог“, „Црвена јабука“ пејачот Дарио и ди-џејот Мозел од Грција.

Фестивалот го привлече вниманието и на градоначалниците од Пелагонискиот регион и на дипломатите.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, „Пивофест“ станал своевиден бренд, еден од најпознатите во Македонија и на Балканот.

„Овој регион го посетуваат туристи, а за време на одржувањето на „Пивофест“, туристите од Крушево се на оваа манифестација“, изјави Христоски, кој на покана на прилепскиот градоначалник Илија Јованоски заедно со градоначалниците од Пелагонискиот регион го посети „Пивофест“.

Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец вели дека манифестацијата негува локални традиции и станува препознатлива. 

„Впечатоците се многу добри, пред се, поради традицијата од 16 години, промоцијата на некои локални вредности и поради соработката помеѓу словенечките и македонските општини. Посебна е поврзаноста со Прилеп преку споменот на големиот уметник, прилепчанецот Љубен Димкароски, кој не е веќе со нас, музичар кој долги години беше во Словенечката филхармонија и кој со настојувањата да ги поврзе културно двете земји не задолжи многу“, истакна Јазбец.

Грчкот ди-џеј Мозел вели дека е воодушевен што е во Прилеп. - Воодушевен сум што дојдов на фестивалот и очекувам сите да уживаат во мојата музика. А ја донесов најпознатата музика од цел свет, изјави ди-џеј Мозел.

И камперите во Паркот на револуцијата се задоволни од организацијата на кампингот, хигиената, гостопримството и од фестивалот. Некои со години доаѓаат и кампуваат за време на фестивалот.

Фестивалот поминува непречено, без инциденти. Викендов организаторите очекуваат кулминација на посетеноста. За атмосферата ќе се погрижат Жељко Јоксимовиќ, а утревечер и Шабан Шаулиќ.

Коментирај