Војвотката од Кембриџ денеска се породи со третото дете – роди здраво машко бебе тешко 3,8 килограми.
Кенсингтонската палата соопшти дека бебето се родило во околу 11 часот претпладне, откако Кејт Мидлтон во 6 часот утринава беше однесена во приватниот оддел Линдо на болницата Сент Мери во Лондон.
Породувањето поминало без компликации и бебето и мајката се во добра состојба. Синот, шесто правнуче на кралицата Елизабета и брат на принцот Џорџ и принцезата Шарлот, ќе биде петти по ред во линијата за наследување на британскиот престол.
Бебето се роди на роденденот на Вилијам Шекспир, а денеска во Британија се одбележува и денот на Свети Џорџ.