Кошарка

Пристигна коњаницата на Леброн: Ентони Дејвис трејдуван во Лејкерс, Бол и Инграм во Пеликанс

16. јуни 2019 - 9:54 | К.З.

Уживањето кое ни го понуди НБА финалето беше само предвесник за она што ќе се случува во текот на летото. Многу кошаркари ќе бидат предмет на трејд преговори, ќе одбираат нови клубови и ќе бидат наградени со богати договори. А синоќа сето тоа започна со еден очекуван трејд преку кој Ентони Дејвис стана соиграч на Леброн Џејмс во Лос Анџелес Лејкерс.

Длабоко во ноќта, околу полноќ по локално време, Лос Анџелес Лејкерс го направија првиот потег за новата сезона. Ентони Дејвис стана Лејкер, а во спротивната насока заминаа Брендон Инграм и Лонзо Бол.

По долгите и напорни преговори кои се случуваа пред крајот на трејд-периодот во текот на изминатата сезона, Лејкерс конечно го добија она што го сакаат – Ентони Дејвис е новиот партнер на Леброн Џејмс во трката за шампионската титула. За да го добијат фантастичниот крилен центар, тие мораа да се откажат од Лонзо Бол, Брендон Инграм, Џош Харт и три пика од прва рунда од следните драфтови, меѓу кои и четвртиот пик на претстојниот драфт.

Што значи ова за сите страни вмешани во трејдот?

Најпрво, Ентони Дејвис е конечно надвор од Њу Орлеанс Пеликанс, токму она што го посакуваше оваа суперѕвезда. Од друга страна, Лос Анџелес Лејкерс можат да бидат задоволни од исходот, бидејќи и онака немаа намера да градат млад тим околу Леброн Џејмс, туку намерата беше да се обидат да атакуваат на титулата во наредните две сезони. Сега, тоа изгледа сосем изводливо.

Лонзо Бол и Брендон Инграм на прв поглед загубија со тоа што го напуштија Лос Анџелес, но ова може да излезе и како добра ситуација за нив, со оглед на тоа што двајцата се млади играчи кои не можеа да ја докажат својата вредност под светлите рефлектори во Холивуд. Овојпат добиваат шанса да играат со Зион Вилијамсон, за кого очекувањата велат дека е еден од најатрактивните млади играчи кои влегле во лигата во последната деценија. Пеликанс конечно имаат добро обезбедена иднина.

Коментирај