Во следните триесет дена, на македонско-грчата граница, ќе пристигнат 25 припадници на полицијата на Словачка, како дел од третата ротација, врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу министерствата за внатрешни работи на Република Словачка и Република Македонија, соопшти Амбасадата на Словачка во Македонија.
Словачките полицајци ќе спроведуваат заеднички патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција, со цел превенција во областа на јавната безбедност и неовластеното преминување на државната граница. Словачка полициска единица ќе биде повторно распределена во областа на Дојранското Езеро.
Полицајците ќе бидат соодветно опремени – со теренски моторни возила, термални камери и уреди за ноќно гледање. Мандатот на словачката полициска мисија ќе биде 30 дена со можност за продолжување.
Република Словачка до сега испрати во земјата вкупно 75 полициски службеници што е најголем придонес по глава на жител од странски држави кои учествуваат во заедничките операции во Македонија. Помошта е израз на солидарност во решавањето на мигрантската криза и во контекстот на претстојното (од 1 јули) словачкото претседателство во Советот на ЕУ, каде една од приоритетите ќе биде „одржлива мигрантска и азилска политика”.