Сигурно веќе ја имате забележано нашата посебна врска со бургерите, па затоа, овој пат решивме да дегустираме нешто од менито на еден од локалите за кои низ градот се зборува дека ги приготвува своите бургери со голема љубов – Ресторан Маџо 2.0. За да го доживееме искуството во целост и да не ризикуваме недостатоци кои може да произлезат при процесот на достава, одлучивме да дојдеме на лице место и да пробаме нешто од менито на ресторанот кој во 2018 го освои првото место во натпреварот за најдобар бургер во градот „Burger Wars“.
Затоа што ситуацијата со пандемијата наложува повеќе информации околу тоа, потенцираме дека масите за седење се на отворен простор, на соодветно растојание, има средство за дезинфекција на секоја маса, персоналот носи заштитни маски и при послужување внимава да не ги допира чашите со прсти на горниот дел – што е особено охрабрувачки за сите оние кои поради недоверба немаат посетено ресторан повеќе месеци :).
По кратко разгледување на богатото мени кое содржи 8 бургери, одлуката падна на „Рајли“ кој според спецификациите на ресторанот е составен од бургер лепче, сланина, ајсберг, шампињони, јунешка плескавица, ајдамер, кисели краставички, кромид, помфрит со лук и оригано и дресинг од балсамиран мајонез. Порачавме 2 Рајли бургера, кои пристигнаа на нашата маса за 20-ина минути. Ова време можеби ви се чини предолго, но за нас е сосема прифатливо - особено ако ги земеме предвид останатите 5-6 зафатени маси и дека подготовката на ваков бургер не е едноставна како подготовка на „обичен хамбургер“ во фаст-фуд локалите.
Прво нешто што почувствувавме при сервирање е неодоливиот мирис на помфритот со лукче и оригано. Ако некогаш сте јаделе помфрит од „Горки“ и го обожавате неговиот специфичен вкус, овој помфрит ќе ве направи подеднакво среќни!
Не успеавме да издржиме, па пред да ги направиме фотографиите моравме да пробаме неколку компирчиња. Мх, мх, мх! Фино зачинето, топло, крцкаво и доволно соленко баш колку што треба. Нѐ радува и тоа што помфритот кој доаѓа со бургерот е навистина обемен. Брцнавме неколку компирчиња во сосот кој доаѓа заедно со порцијата – но, не сме импресионирани од вкусот.
Марјан: „Кај сосот не ми се допаѓа тоа што е киселкаст. Освен киселиот вкус, не чувствувам ништо посебно и стварно не можам да сфатам што содржи затоа што нема никаков доминантен вкус. Ама помфритот е дефинитивно повкусен без сос“.
Драган: „Јас сум навикнат да брцкам помфрит во сосче додека јадам, инаку и мене не ми е ништо особено. Нема карактер. Барем да имаше малку кари или некаков зачин, вака е само кисел, без вкус и не соодвествува со бургерот и помфритот. За друга порција можеби, ама за Рајли – не“.
По кратката фото-сесија, се префрливме на главното! Почнуваме да го „делкаме“ бургерот и веднаш заклучуваме дека ова е бургер кој ќе нѐ направи среќни. На прва се чувствува слаткиот мирис на домашното лепче (да, во Маџо 2.0 сами си ги прават лепчињата!) и специфичниот вкус на плескавицата од јунешкo месо. Бургерот е крцкав благодарение на ајсберг салатата, кромидот и киселите краставички, а комбинацијата од свежи шампињони, сланина и растопен ајдамер дава посебен шмек на пакетот.
Ако сте педантни, не очекувајте дека ќе успеете да го изедете без да си ги намачкате рацете и лицето, затоа што бургерот е навистина СОЧЕН и ПРЕПОЛН што го прави невозможен за јадење без дополнителен прибор и барем 3 салфетки! :)
Марјан: „Топ е. Се чувствува говедското, а плескавицата не е препечена и сува како што беше со плескавиците од бургерот на КИОСК. Ептен ми прави мерак што има кромид и крцкава салата. Не е досаден и без душа како некои други. Лепчето ми е вкусно, ама изгледа не им се погодила оваа тура. Кората е некако тегава. Ми се допаѓа и вкусот кој го даваат печурките и ајдамерот.“.
Драган: „Искрено, за 330 денари некако очекував повеќе. Лепчето убаво мириса, на бриош. На изглед е најубавото лепче што сум го видел, ама ми го руши филингот тоа што е тегаво. Плескавицата е вкусна, ама ако ја споредам со бургерот од КИОСК нема толку интензивен вкус. Овде е посоодветно подготвена (не е сува), што е добро.“
Додека уживавме во јадењето, налетавме на мала непријатност која не би требало да се случи кај „ресторански бургер“ кој чини 330 денари. И во двата бургери сланината не беше детално обработена, па се соочивме со оној непријатен дел кој ниту се џвака, ниту се голта. За локал награден со признание за најдобриот бургер во градот, очекувано е готвачот да внимава на овие детали. Совршенството е во деталите!
Драган: „Види, ова делче не смее да го има во бургер. Исто така, знам ресторани кои за оваа цена внимаваат секое компирче да биде со правилна форма. Би сакал да видам McCain помфрит со бургеров“.
Марјан: „Мене не ми пречи формата на неколку компирчиња, битен ми е вкусот – а вкусот е стварно добар. Ама сериозно треба да го променат сосот кој го даваат со Рајли“.
Додека привршуваме, размислуваме за тоа која би била финалната „пресуда“ од нашето искуство. Заклучокот од нашата посета е дека Рајли од Маџо 2.0 е сигурно еден од најдобрите бургери кои сме ги пробале (и тоа не само на локално ниво), па затоа нема да погрешиме ако ви го препорачаме и вам. Вкусен, компактен, сочен, обемен и исполнувачки бургер, со вистински состојки и со несреќен сос кој заедно со необработената сланина малку ни го разниша уживањето. Со задоволство би го јаделе пак, но со оглед на цената (која можеби е превисока за целиот пакет) би биле среќни доколку следниот пат наидеме на поголемо внимание на деталите.
- Квалитетни и соодветни состојки.
- Вкусно.
- Сочно.
- Крцкаво.
- Хигиенски.
- Несоодветен сос.
- Необработена сланина.
- Тегава корка на лепче.
Оцена