Фудбал

Проблеми во Баерн: Анчелоти нема поддршка од тимот

28. септември 2017 - 13:38 | К.З.

Арјен Робен одби јавно да му даде поддршка на неговиот тренер, Карло Анчелоти, по вчерашниот пораз од ПСЖ, потврдувајќи ги шпекулациите дека италијанскиот стратег не е во добри односи со играчите.

Холандскиот интернационалец влезе од клупата во вчерашниот меч против ПСЖ, во кој Баерн Минхен беше поразен со 3:0, со головите на Дани Алвес, Кавани и Нејмар. По мечот, Робен беше видливо вознемирен.

Откако беше запрашан од новинарите дали Анчелоти ја има поддршката од сите играчи на Баерн Минхен, Робен само рече: „Нема да одговорам на тоа прашање. Секој збор во овој момент би бил премногу“.

Уште од почетокот на сезоната кружат шпекулациите дека играчите од составот на Баерн му откажале послушност на Анчелоти, а неколкуте инциденти помеѓу Рибери, Робен и Анчелоти од последните неколку недели само ги потврдија лошите односи во тимот.

„Најважното сега е да останеме заедно како тим. Ни треба мир. Секој кој го искажува незадоволството во јавност не му помага на тимот“, додаде Робен.

Германските медиуми тврдат дека Анчелоти би можел да биде отпуштен уште пред крајот на оваа календарска година, а пресудна би можело да биде лошата атмосферата во соблекувалната, а не лошите резултати.

Коментирај