Свет

Промена на Уставот: Ким Џонг Ун веќе не е „врховен лидер“

12. јули 2019 - 10:20 | МИА

Северна Кореја усвои нов Устав во кој официјално е именуван Ким Џонг Ун за шеф на државата и врховен командант на војската.

Западните медиуми, повикувајќи се на набљудувачи, наведуваат дека постои можност целта на новиот Устав да е подготовка за мировен договор со САД.

Северна Кореја долго време повикува на мировен договор со САД, со цел да се нормализираат односите меѓу двете земји и да се заврши техничката состојба на војна, која трае од крајот на Корејската војна (1950-1953), по што е потпишано примирје, но не и договор.

Во новиот Устав, кој е објавен на државниот портал Наенара, се наведува дека Ким како претседавач со Комисијата за државни работи, највисокото тело воспоставено во 2016 година, е „врховен претставник на својот корејски народ“, што значи и шеф на државата и врховен командант.

Во претходниот устав Ким беше означен како „врховен лидер“ кој команда со сите свои воени сили на земјата. Се претпоставува дека новата формулација е со цел доближување на Северна Кореја кон остатокот од светот, по повеќедецениска изолација на земјата.

Коментирај