Македонија

Промовирана нова „Демократска десница“

16. февруари 2011 - 15:44 | Макфакс

Филип Петровски денеска го промовираше иницијативниот одбор за формирање на партијата „Демократска десница“.

Партијата, меѓу другото, најави дека ќе се залага за искоренување на злоупотребата на државната администрација со партиски вработувања, соработка со невладиниот сектор како и приватниот сектор. Од партијата сметаат дека Македонија може да тргне напред само со нов политички субјект, кој ќе се залага за доследна примена на корпусот на човекови права, незлоупотребување на институциите на системот, независно и ефикасно судство и владеење на правото.

„Во центарот и на десно треба да постои обединување, за да се постигне подобар резултат. Нашиот изборен модел бара изборни коалиции. Ние мислиме дека со еден блок кој ќе биде опозиционен, десничарски и центристички, можеме да собереме поддршка која ќе биде многу значајна и може да го направи тоа веднаш на овие избори кога и да бидат“, рече Филип Петровски за евентуалното обединување со одредени политички субјекти.

Тој рече дека за сега неговата партија има разговори со Народна партија, со бранителите, и со уште неколку помали групации.

„Тие според мое мислење, не мора нужно да бидат политички партии бидејќи политичката подршка на граѓаните не е сконцентрирана само во партиите туку и во други интересни групации“, рече Петровски.

Во поглед на човековите права и прашањата како абортусот или сексуалната ориентација,  „Демократската десница“ најави поблаг пристап.

„Нашата основа оди многу поблаго, ние не сакаме да промовираме нешто во што ни самите не веруваме како тоа што власта го прави. Едно се промовира на прес конференции и на скапо платени кампањи од народни пари, а сосема друго се прави на терен. Ние ја ублажуваме таа реторика, и не се промовираме ниту како демохристијанска ниту како конзервативна партија, нашата ориентација е десничарска, но ќе повлечеме спрема центарот. Сакаме помало учество и влијание на државата во животот на поединецот“, рече Петровски.

Коментирај