Соработниците на Доналд Трамп се состанаа со политичките противници на украинскиот претседател, а откриено е и што се крие зад овие тајни разговори.
Четири члена на потесниот тим на американскиот претседател Трамп одржаа во Киев тајни разговори со политичките противници на Володимир Зеленски и тоа во момент кога и Вашингтон и Москва настојуваат да го отстранат украинскиот претседател од власт.
Според зборовите на тројца украински пратеници и еден американски аналитичар, клучните соработници на Трамп се состанале со Јулија Тимошенко, поранешната премиерка на Украина и со високопозиционирани членови на партијата на поранешниот претседател Петро Порошенко, дознава Politico.
Се разговарало за тоа дали во Украина може што поскоро да се одржат претседателски избори. Тие се одложени во согласност со уставот на земјата бидејќи Украина и понатаму е во вонредна состојба поради војната. Противниците на одржувањето избори велат дека би можеле да бидат хаотични и да одат во прилог на Русија. Затоа не е чудно што идејата за предвремени претседателски избори ја форсира Кремљ, кој сака да се ослободи од Зеленски.
И сојузниците на Трамп се уверени дека Зеленски би ги изгубил изборите поради војната која трае долго време и растечкото незадоволство на јавноста поради широко распространетата корупција. Но, администрацијата на Трамп тврди официјално дека не се мешаат во внатрешната политика на Украина и дека американскиот претседател само сака партнер за да се постигне мир.
Но, од друга страна, Trump го обвини Зеленски дека е „диктатор без избори“, додека директорката на Националната разузнавачка служба Тулси Габард го обвини Киев за откажување на изборите.
Но додека таборот на Трамп можеби се надева дека изборите ќе го потопат Зеленски, тој сè уште е значително попопуларен од Тимошенко и Порошенко. Во анкетата што ја спроведе британскиот Survation оваа недела по инцидентот во Белата куќа, кога Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс вербално го нападнаа и го избркаа од канцеларијата, 44 проценти од испитаниците рекле дека би го поддржале Зеленски за претседател.
Зад него е Валериј Залужни, поранешниот воен командант кој сега е амбасадор на Украина во Британија, кој добива 20 проценти додека 10 проценти од Украинците би го поддржале Порошенко. Тимошенко во анкетата доби само 5,7 проценти поддршка. И Тимошенко и Порошенко јавно се спротивставија на одржувањето избори пред завршувањето на војната, како и градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Но, „луѓето на Порошенко и Јулија Тимошенко, сите тие разговараат со таборот на Трамп позиционирајќи се како луѓе со кои би било полесно да се соработува и кои би се согласиле на многу работи на кои Зеленски не се согласува“, рече еден од водечките републикански надворешнополитички експерти за Politico.
Прашана дали Тимошенко учествувала во разговорите со членови на американската администрација или опкружувањето на Трамп за претседателските избори или мировните преговори, нејзината портпаролка Наталија Лисова не сакаше да го коментира тоа.
Politico ја контактираше партијата на Порошенко Европска солидарност за да провери дали води разговори со луѓето на Трамп за изборите. Нивната канцеларија за односи со медиумите одговори: „Нашиот став е да не ги форсираме изборите, туку да обезбедиме слободни и фер избори во повоениот период. Логично е дека какви било контакти вклучуваат претставување на визијата на претседателот Порошенко и Европската солидарност за начинот на завршување на војната со праведен, сеопфатен и траен мир и за границите на можните компромиси во преговорите.“
Politico се обрати и до четворицата членови на тимот на Трамп кои наводно се вклучени во разговорите, но не доби одговор.
Функционерите на Трамп веќе со денови испраќаат пораки дека Зеленски треба да се повлече ако целосно не се усогласи со американскиот план за брзо завршување на војната – дури и ако тоа значи големи отстапки на Русија.
Од петок, кога дојде до бурен судир во Белата куќа, притисокот врз Зеленски само растеше. Неговите домашни политички противници сè повеќе воздржано, но јасно истакнуваат дека односите на Украина и Вашингтон се клучни и дека треба да се обноват. Многумина во Киев тоа го толкуваат како прикриена критика на Зеленски, кој сега рече дека жали за минатонеделната жестока пресметка и дека е подготвен да соработува со Трамп за постигнување мир.
„Гледаме дека одредени политички фракции почнуваат да се активираат“, рече Руслан Бортник, директор на Украинскиот институт за политика.
„Се обидуваат да воспостават неформални контакти со Републиканската партија и тимот на Трамп и да ја покажат својата подготвеност за соработка со Вашингтон. Тоа го сигнализираат и јавно иако внимателно ги избираат зборовите. Но, со своето однесување покажуваат дека се подготвени да играат според правилата на Трамп“, рече тој за Politico.
Според неговите зборови, украинската политичка елита се чувствува „целосно дезориентирано и шокирано“ бидејќи се свесни дека без поддршката на САД Украина не може да опстане во војната.
Неколку политички лидери од различни партии оваа недела изјавија дека Украина мора по секоја цена да ги поправи односите со Трамп. Меѓу нив се Руслан Стефанчук, претседателот на украинскиот парламент и член на владејачката партија и Дмитро Разумков, поранешен лидер на партијата кој сега дејствува како независен пратеник. Разумков побара итна парламентарна седница за да се формира посебна законодавна група за надзор на односите со САД.
Одлуката на Трамп привремено да ја запре воената помош за Украина дополнително ги вознемири политичките елити во Киев, поттикнувајќи уште повеќе тајни контакти на украинските политичари со луѓето на Трамп.
Во понеделникот Трамп остро изјави дека Зеленски „нема да биде долго тука“ ако не покаже напредок кон мировен договор кој одговара на САД. Советникот за национална безбедност Мајк Валц рече дека Вашингтон треба „лидер кој може да соработува со нас, на крајот да преговара со Русите и да ја заврши оваа војна.“