Софтвер
На 2-ри и 3-ти мај

Прв меѓународен Drupal Camp во Македонија

7. април 2015 - 9:27 | Кајгана

Подигнување на свеста за постоење и полезноста од користење на Drupal платформата, развивање на заедницата, проширување на знаења и презентација на новини за Drupal, размена на искуства и вмрежување - ова се целите на првиот Drupal Camp Skopje, кој на втори и на трети мај 2015 година, на Факултетот за информатички науки и компјутерски инженеринг (ФИНКИ) во Скопје за прв пат ќе се одржи во земјава.

Организатори на овој дводневен настан се Drupal Community Macedonia и Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа.

На Drupal Camp Skopje, македонските инженери и ентузијасти ќе имаат единствена прилика да научат нешто повеќе за можностите кои ги нуди овој моќен систем за управување со содржина, како и да запознаат и воспостават соработка со нивни колеги од целиот регион.

На настанот ќе има интересни содржини, презентирани од локални и од странски говорници, наменети за искусни програмери кои ја користат оваа платформа. Но, ќе има и сесии за почетници кои имаат најосновни познавања од програмирање и најважно, кои што имаат интерес да се запознаат со основите на Drupal платформата.

По тој повод, отворен е и повик за говорници. Сите заинтересирани што сакаат да одржат свое предавање или да презентираат сопствено Drupal решение, може да се пријават на следниот линк.

По повеќе посетени кампови и конфереции во регионот и низ Европа, организатoрите сметаат дека веќе постои критична маса за организирање на ваков настан, Drupal Camp Skopje и во Македонија. Во меѓувреме контакт на техничко ниво е воспоставен со програмерите од земјава кои веќе ја користат Drupal платформата и кои постепено почнаа да ја развиваат заедницата кај нас, наречена Drupal Community Macedonia.

Коментирај