Продолжението на култната хорор-комедија „Zombieland“ се враќа под 10 години со истата актерска екипа. Студиото Sony реши да ги почести фановите со еден мал, краток поглед кон новото продолжение, доволно за да ги остави будни во пресрет на премиерата на филмот, која е закажана за оваа година.
Талахаси (Вуди Харелсон), Колумбус (Џеси Ајзенберг), Вичита (Ема Стоун) и Литл Рок (Ебигејл Бреслин) еволуираа – сега се 10 години постари, поискусни и поподготвени за тешкиот живот по зомби апокалипсата. И не само ликовите, туку порасна и оружјето на Литл Рок, која сега изгледа многу поопасно од претходно.
Како дел од до скоро актуелниот десетгодишен предизвик кој кружеше низ социјалните мрежи, официјалниот Twitter профил на филмот објави фотографија на која се споредени главните ликови од пред 10 години и сега.
„Причината поради која сме повторно заедно е тоа што сите ние навистина многу го сакаме филмот. Тој беше многу важен за нашите кариери: беше мој прв филм, а исто така беше клучен за развојот на кариерите на Ема Стоун и Џеси Ајзенберг. Дури и Вуди (Харелсон) ми даде огромен комплимент кога ми се јави пред неколку дена и ми кажа дека од преку сто филмови на кои има работено, со посебна радост се сеќава на ‘Zombieland’“, вели Рубен Флеишер, режисерот на филмот.
Премиерата на „Zombieland 2: Double Tap“ е закажана за 11 октомври 2019 година, а вчера режисерот потврди дека на актерската екипа ќе ѝ се приклучи Росарио Доусон, која во последните неколку години е актуелна поради нејзината улога во ТВ серијата „Daredevil“.