Пристигна официјалниот тизер за биографскиот филм за Марија Калас, Maria, во кој оскаровката Анџелина Џоли ја игра легендарната оперска дива.
Ова е последното издание во трилогијата биографски филмови за влијателни жени во режија на Пабло Лараин. Заедно со Maria, трилогијата се состои од филмовите Spencer, за принцезата Дијана и Jackie, за Џеки Кенеди.
Најновиот филм на Лараин беше премиерно прикажан на 29 август оваа година на филмскиот фестивал во Венеција, каде што доби осумминутни овации. Сценариото за филмот го напиша Стивен Најт, креаторот на серијата Peaky Blinders.
Филмот е сместен во 1970-тите и ги прикажува последните денови од животот на еден од најпознатите оперски пејачи на сите времиња. Марија Калас почина од срцев удар на 53-годишна возраст.
Споредните улоги во филмот ги толкуваат Валерија Голино, Коди Смит-Мекфи, Халук Билгинер, Алба Рорвачер, Пјерфранческо Фавино, Џереми Вилер и Ребека Џонстон.
Тизерот за филмот Maria ги подели гледачите бидејќи дел од обожавателите сметаат дека Џоли не е убедлива во улогата на Марија Калас, додека друг дел тврди дека заслужува Оскар за нејзината изведба.
„Ова изгледа прекрасно“, „Одличен тизер! Навистина навивам за Џоли“, „Мислам дека Анџелина Џоли ќе стане двократна оскаровка“, „Анџелина е уметник. Овој филм би можел да добие Оскар“, се некои од попозитивните коментари на социјалната мрежа Редит.
„Ќе го гледам ова за сетовите и костимите, но не верувам дека Џоли или филмот верно ќе ја прикажат Калас. И тоа ова го кажувам како обожавател на Џоли“, „Ми личи на Maestro, а на никого не му се допадна тој филм“, „Без навреда за фановите на Peaky Blinders, но ако Стивен Најт работи на ова, има 85% шанси филмот да биде ужасен или разочарувачки“, напишаа гледачите скептични за филмот.
Филмот Maria ќе се прикажува во одбрани кина од 27 ноември годинава, а на Netflix ќе биде достапен од 11 декември.