Македонија

Првата тура опасен отпад од „ОХИС“ е веќе во Базел, втората е на пат

29. јануари 2020 - 14:54 | Ф.З.

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска соопшти дека првата тура од хемискиот отпад од „ОХИС“ веќе пристигнала во Базел, додека втората е на пат за истата дестинација.

Според податоците добиени од „Екоцентар 97“ ДООЕЛ Скопје, на 14-ти овој месец бил направен првиот извоз на отпадни хемикалии согласно проектот „Отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи“ од АД „ОХИС“ Скопје во стечај, при што вкупно биле извезени 88 буриња, од кои 84 буриња полни со отпаден метанол, додека пак четири со акрилонитрил. Вкупната нето количина на хемикалијата во бурињата изнесувала 15.800 килограми од кои 15.120 килограми отпаден метанол, додека 680 килограми отпаден акрилонитрил.

Нотификацијата од овој извоз е заверена на вкупна бруто количина вклучувајќи ги и палетите и пакувањето/бурињата со вкупен износ од 16.700 килограми.

Истата е заверена од компанијата VALOREC Services AG од Базел, Швајцарија на 21-ви месецов кога камионот е пристигнат и истоварен.

Од страна на Државниот инспекторат за животна средина во саботата на 25 јануари е извршен вонреден инспекциски надзор во кругот на „ОХИС“, при што е констатирано дека од страна на фирмата „Екоцентар“ од Скопје е направена припрема и утовар и на втора тура историски отпадни хемикалии кои се извезуваат надвор од границите на државата. Истата два дена подоцна е излезена од државата и патува за Базел. Со втората пратка се извезени 88 буриња со нето тежина 15.441 килограми метанол.

Фото: МЖСПП

Коментирај