Xiaomi изненади многумина со одлуката да влезе на пазарот за електрични автомобили. Сега знаеме дека биле приморани да повлечат таков потег.

Стравот од американските санкции го принуди Xiaomi да го произведе својот прв електричен автомобил, изјави основачот и извршен директор на компанијата, Леи Џун. Производителот на паметни телефони се одлучи на овој потег откако беше ставен на црната листа во 2021 година по налог на администрацијата на Трамп.
Зборувајќи на настан во Пекинг во петокот, Џун ја откри вистинската причина за влезот на компанијата на пазарот на електрични автомобили:
„Добив повик од пријател кој ми кажа дека сме под санкции. Тоа беше како гром од ведро небо“, изјави Леи Џун, додавајќи дека извршниот одбор на компанијата тој ден итно се состанал и ги направил првите планови за електричниот автомобил.

Четири месеци подоцна, во потег што претставуваше вистински преседан за кинеските компании, Xiaomi успеа да ја поништи одлуката за црната листа на суд, само два месеца откако на светот му ги претстави плановите за влез на пазарот на електрични возила на четири тркала.
Според Џун, Xiaomi планира да потроши околу 10 милијарди долари во текот на својот 10-годишен план за овие потреби, што ќе биде „последниот голем претприемачки проект во неговиот живот“. Од таа сума, 756 милиони долари веќе се потрошени за изградба на фабрика во Пекинг, каде сега се произведуваат електрични автомобили SU7. Компанијата првично ја користеше лиценцата за производство на BAIC, но со овој потег се здоби со своја.

Во јуни, фабриката на компанијата во Пекинг воведе втора смена за производство на Xiaomi SU7. Технолошкиот гигант успеа да им испорача над 30.000 електрични автомобили на своите клиенти од почетокот на продажбата оваа пролет, а планот е да ја достигне бројката од 100.000 до 120.000 испорачани единици до крајот на 2024 година.