Авто новости

Првиот лет на суперсоничниот „Син на Конкорд“ ќе се случи годинава

10. јануари 2019 - 16:15 | К.З.

Компанијата Boom Supersonic одобри буџет од 100 милиони за следната фаза од проектот наречен Overture, кој е замислен како комерцијално летало кое ќе лета со брзина двапати поголема од брзината на звукот.

Кога првпат беше објавена идејата за проектот Overture, тој го доби прекарот „Синот на Конкорд“, алудирајќи дека тој е наследник на легендарното летало Конкорд, кое вршеше комерцијални летови со брзина од 2,04 Маха – повеќе од двојно побрзо од брзината на звукот.

Прототипот на Overture, двојно помал од замислената големина, би требало да биде подготвен за лет веќе во оваа година. Компанијата тврди дека тоа ќе биде „првиот независно произведен суперсоничен авион и најбрзото комерцијално летало некогаш направено“. И да, тоа значи дека Overture ќе биде побрз од Конкорд.

Откако леталото на Boom Supersonic ќе започне со комерцијални летови, летањето на рути како Лондон – Бомбај и Единбург – Ванкувер ќе трае само четири часа, односно ќе биде двојно побрзо отколку кај сите останати авиокомпании во моментов.

Англиско-францускиот Конкорд започна со комерцијални летови во 1976 година, а последниот лет го имаше во 2003 година. Овие авиони престанаа да летаат поради огромните трошоци за секој индивидуален лет, кои ги правеа летовите неисплатливи, па затоа престана и нивното производство.

Планот на Boom Supersonic е да направи летало кое ќе биде поисплатливо, помалку бучно и ќе има поголем домет од Конкордот. Засега од компанијата велат дека Overture ќе може да помине и до 8.336 километри со едно полнење на резервоарот.

Коментирај