Софтвер

Пу, пу не важи: Microsoft пак нуди „последно“ ажурирање за Windows 7

29. јануари 2020 - 15:22 | А.С.

Microsoft понуди ново ажурирање за Windows 7, само две недели откако соопшти дека нема веќе да нуди надградби за застарениот оперативен систем.

Сега прави нагло свртување, откако се покажа дека има баг во „последното“ ажурирање.

Багот предизвика проблеми со позадината (wallpaper) кај корисниците кои ги конфигурирале нивните компјутери со опцијата за растегнување на сликата (stretch image) за позадина на десктопот, при што по рестартирање на оперативниот систем наместо сликата се појавувал чист црн дисплеј.

Корисниците веднаш се огласија на социјалните мрежи и платформи и побараа решение за багот.

Microsoft соопшти дека ќе понуди решение само за оние кои се претплатени на програмата за проширени безбедносни надградби (ESU).

Но, подоцна излезе со ново соопштение:

„Работиме на решение што ќе обезбеди ажурирање достапно за сите корисници на Windows 7 и Windows Server 2008 R2 SP1."

Microsoft официјално стави крај на техничката поддршка за Windows 7 на 14 јануари, но корисниците претплатени на ESU ќе продолжат да добиваат безбедносни надградби.

Според податоците со кои располага сајтот StatCounter, еден од четворица корисници на Windows уште работи со Windows 7.

Експертите за безбедност ги советуваат да ја направат надградбата на оперативниот систем на Windows 10.

Коментирај