Останати спортови

Путин го смири Хабиб: Ќе го замолам татко ти да не биде многу строг со тебе

11. октомври 2018 - 16:33 | А.С.

ММА борецот со дагестанско потекло Хабиб Нурмагомедов вчера се сретна со рускиот претседател Владимир Путин откако го победи Ирецот Конор Мекгрегор и ја одбрани УФЦ титулата во лесна категорија.

Хурмагомедов, кој е првиот руски УФЦ шампион, дојде на посетата во друштво на татко му кој остро реагираше на настаните по борбата со Мекгрегор.

Хабиб откако заврши мечот скокна преку оградата и ги нападна членовите на стручниот штаб на Мекгрегор, што предизвика општ хаос проследен со насилство од двете страни. Мораше да интервенираат полицијата и обезбедувањето во салата во Лас Вегас, а засега Дагестанецот е „казнет“ со замрзнување на хонорарот од 2 милиони долари за борбата.

На средбата, Путин му ја честиташе победата на Хабиб кој се извини за неговото однесување по мечот, објаснувајќи дека не можел да издржи да му ги навредуваат семејството и религијата.

„Сите сфаќаме дека беше испровоциран“, го смири Путин и додаде: „Ќе го замолам татко ти да не биде многу строг со тебе.“

Понатаму во разговорот Путин го подучи Хабиб дека што и да се случи „треба да знаеме да се воздржуваме од насилство, треба да знаеме дека не треба да ја преминеме границата, освен ако некој нѐ нападне од надвор, тогаш секој би скокнал, не само ти.“

Коментирај