Рускиот лидер Владимир Путин побара да се суспендираат сите западни испораки на оружје за Украина за да се постигне договор за прекин на огнот, објави Bloomberg, повикувајќи се на извори во Москва.

Извори на новинската агенција во Москва изјавија дека за време на посетата на рускиот главен град на специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, Путин го нарекол овој услов задолжителен за потпишување на договорот за прекин на огнот.
Изворите на Bloomberg додаваат дека Русија сака да ги запре сите испораки на оружје за Украина, но нејзината минимална цел е да ја прекине американската помош.
Руски извори, исто така, инсистираат на тоа дека барањето на Путин за прекин на испораката на оружје ќе биде привремено. Испораките на оружје, наводно, ќе продолжат откако ќе се постигне мировен договор со кој Украина се согласува да го ограничи својот воен потенцијал.
Во меѓувреме, неименуван европски функционер рече дека е малку веројатно Европа да се согласи со барањето на Русија нејзините сојузници да ја блокираат испораката на оружје за Украина за време на каков било „прекин на огнот“.
Тој нагласи дека тоа може да доведе до ситуација во која Русија би можела да се вооружи за време на прекинот на непријателствата, додека Украина не би имала таква можност.
Претходно агенцијата напиша дека Путин, наводно, генерално го поддржува американскиот предлог за „прекин на огнот“, но инсистира дека мора да се исполнат бројни услови пред Русија да се согласи.