Свет

Расипано месо од Бразил, заразено со салмонела, повлечено од меѓународните пазари

20. март 2017 - 13:48 | Макфкас

Масовни проверки почнаа да се вршат во погоните на производителите на месо во Бразил поради сигнали за корупција, поврзани со извоз на расипано месо заразено со салмонела, кое се продавало во земјата и во странство.

Две од трите големи месопреработувачки компании кои извезуваат стока во светот – JBS и BRF, се во фокусот на проверките.

Според властите во Бразил, над 30 месопреработувачи во земјата им плаќале поткуп на инспекторите, кои го проверувале квалитетот на производите. Некои од месните производи се користат во кујните на јавни училишта, велат од полицијата.

Има податоци дека некои од производите се нашле на италијанските и на шпанските пазари, објави CNN.

Над 1.100 агенти се ангажирани во акцијата наречена „Операција на лошо месо”.

Билансот од истрагата изнесува 309 судски наредби, 194 налози за претрес, 27 уапсени и 77 полициски сослушувања.

Приведени се двајца вработени на JBS и тројца од BRF. Веста беше пречекана со бес во општеството во Бразил, што јасно покажува за нетрпеливоста кон раширената корупција во земјата, која ги зафати и највисоките нивоа на власта. Граѓаните на социјалните мрежи #CarneFraca (лошо месо), ги посочија корпорациите и политичарите вмешани во скандалот.

По скандалот, акциите на JBS поевтинија за 10 отсто на крајот на минатата недела,  а оние на BRF се намалија за 7 проценти.

Од JBS – најголемиот преработувач на месо во светот, наведуваат дека ги почитуваат меѓународните стандарди и ја поддржуваат секоја мерка дури и евентуалното казнување на оние кои не се во согласност со регулативите.

Компанијата изразува целосна доверба во својот производствен процес. Вработените кои се испрашувани за случајот немаат стратешка улога во врска со квалитетот на производството. Масовната акција е кулминација на истрагата, која траеше цели 2 години.

Коментирај