Македонија

Расправата за Советот за јавни обвинители со меѓусебни обвинувања за партизирање на правосудството

15. февруари 2020 - 17:14 | МИА

Со меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата за партизирање на правосудните органи, за тоа кој направил државата да биде заробена или да има хибриден режим е исполнета денешната расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија, што е во тек во Парламентот.

Ова што сега го имаме, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, е хибриден режим и во правосудниот систем, според него, има не само партиски влијанија, туку и лично влијание на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

-Тој знае зошто се прави ова, а наскоро ќе дознае и јавноста, рече Милошоски.

На ова реплицираше пратеничката од СДСМ Јагода Шахпаска која рече дека најмалку Милошоски има право и кредибилитет да зборува за правда.

– Најмалку вие имате кредибилтет да излезете на оваа говорница и да говорите за правда и правна држава, особено по оној разговор кој го слушна јавноста во кој нарачувавте лустрација, рече таа.

Пратеничката Фросина Ташевска Ременски дискутирајќи за тоа што предвидуваат изменувањата и дополнувањата на Законот за јавните обвинители, нагласи дека не е оптимист дека тој ќе промени многу во работата.

Може, рече таа,  да донесеме какви сакаме закони, но, тие нема да ги направат подобри институциите доколку во нив не се применуваат законите поддеднакво за сите и доколку не преовладува човечкиот интегритет пресуден за функционалноста и квалитетот за извршување обврски.

-Секој кој не го познава функционирањето на субкултурите во полиција, судство и обвинителство никогаш нема да знае дека вистинска одговорност во овие сфери на правосудството никогаш нема да има. Ова го кажувам заради тоа што ако го земете историјатот на постапување на Советот на јавни обвинители ќе видите незначителен број иницијативи за разрешување или поведување одговорност за постапување на јавен обвинител, рече Ременски.

За пратениците од власта ова законско решение е добро, ќе го подобри работењето на Советот за јавни обвинители. Со тоа, рекоа, ќе се унапреди функционирањето на правдата и правната држава. Нивните колеги од опизцијата сметаат дека ова е решение кое се носи за, како што посочија, мафијата да може да управува со правосудниот систем.

На дневен ред на оваа седница, е и Предлог законот за јавно обвинителство, за кој е потребно двотретинско мнозинство. Расправата по него заврши синоќа. Гласањето за овој закон, според најавите, ќе биде во текот на утрешниот ден.

За денеска попладне во Собранието е закажно и продолжение на 123. седница на чиј дневен ред, меѓудругите, се и измените и дополнувањата на Законот за одбрана.

На седницата, освен овој закон, се уште триесетина законски решенија, меѓу кои и измените за Изборниот законик предложени од група пратеници за една изборна единица, отворени листи и еднаква родова застапеност на листите, за кои се поднесени неколку илјади амандмани, како и дополнетиот предлог закон за Академија за судии и јавни обвинители. 

Коментирај