Ракомет

Раул Гонзалес: Паралелно ќе ги водам ПСЖ и репрезентацијата на Македонија

3. ноември 2017 - 8:28 | Макфакс

Како бомба во ракометна Европа одекна веста дека Раул Гонзалес, човекот кој Вардар го искачи на европскиот врв, од наредната сезона ќе биде предводник на финансиски најмоќниот клуб во светот, ПСЖ.

Шпанецот, во четвртокот го стави својот потпис на тригодишниот договор со ПСЖ кој ќе започне да важи од 1 јули 2018 година.

Раул Гонзалес по потпишувањето на одговорил на неколку прашања за „handnews.fr“.

„Среќен сум што ќе му се приклучам на Париз во наредните сезони. Не можам нешто повеќе да кажам бидејќи ова е малку комликувано. Се уште сум вработен во Вардар до крајот на сезоната. Ќе имам можност повеќе да зборувам за моето доаѓање за неколку недели“, рекол 47-годишниот Шпанец, кој на клупата ќе го наследи две децении повозрасниот Нока Сердарушиќ на кого по завршувањето на сезоната му истекува договорот со ПСЖ.

„Чест ми е што Париз ми го довери овој проект за наредните сезони. Но ќе повторам имам голема почит кон тренерот и поради тоа ми е тешко што оваа тема излезе во јавноста“.

Раул Гонзалес во разговорот потврдил дека ќе остане селектор на ракометната репрезентација на Македонија.

„Ќе ги комбинирам двете функции. Имам договор со Ракометната федерација на Македонија до 2020 година и тој договор планирам да го испочитувам“.

Коментирај