Здравје

Разлика меѓу грипот и новиот вирус: Еден човек може да биде одговорен за заразување на 59.000 луѓе

25. март 2020 - 17:50 | Б.С.Б.

Британскиот професор Хју Монтгомери од Институтот за здравје на Универзитетот во Лондон, ја објасни разликата меѓу обичниот грип и коронавирусот.

„Ако заболам од нормален грип ќе заразам 1,3 -1,4 луѓе. Ако тие го пренесат вирусот понатаму тоа е втор круг на пренесување. Но, кога ќе се случат десет круга на пренесувања, ќе бидам одговорен за околу 14 случаи на грип. Овој коронавирус е многу, многу заразен така што секоја личност го пренесува на уште тројца луѓе. На прв поглед не изгледа како голема разлика, но ако секој од овие тројца зарази по уште тројца, по десет круга на пренесување ќе бидам одговорен за инфицирање на 59.000 луѓе“, вели докторот.

Професорот Монтгомери објаснува дека повеќето луѓе ќе се чувствуваат сосем добро или ќе имаат благи симптоми, но вирусот ќе се шири понатаму. Неколкумина ќе се разболат, од прилика по десеттиот ден од заразувањето. Ќе мора да одат во болница каде ќе добијат третман и ќе бидат под лекарски надзор ако ситуацијата се влоши. Ако тоа се случи ќе мора да бидат на интензивна нега.

„Ако имаме лимитирани средства, како што имаме лимитиран број респиратори и медицински кадар, луѓето нема да добијат соодветна нега“, објаснува докторот.

На прашањето на новинар од Chanel 4, дали е ова крај на светот, докторот вели:

„Не, мора да запаметиме, ќе биде гадно, ќе биде страшно за одреден број луѓе, но ќе биде мал процентот на оние кои сериозно ќе се разболат и уште помал процентот на оние кои ќе мораат на интензивна нега. Можеме да спасиме поголем број животи и на тие луѓе. Но, ве молам запаметете, најдобрата шанса што можеме да им ја дадеме на луѓето кои сериозно ќе се разболат е ако имаме доволно кревети, персонал. Ако сте несериозни и не ви е гајле дали ќе се разболите од грип, запаметете дека не се работи за вас, туку за другите околу вас“.

Коментирај