
Џо Бајден прогласи вонредна состојба во САД за делови од Мисисипи погодени од разорно торнадо, каде што најмалку 26 лица загинаа во катастрофални бури во јужниот дел на државата.
Дваесет и пет лица загинаа, а десетици се повредени во Мисисипи, ширум регионот Делта и околу неговиот североисточен дел, додека уште еден маж почина во соседната држава Алабама.

Ова е најголемиот број на жртви од торнадо во Мисисипи во повеќе од пет децении, бидејќи невремето најсилно ги погоди некои од најсиромашните области на најсиромашната држава во Америка.

Во градот Ролинг Форк, кој има околу две илјади жители, цели населби беа претворени во урнатини. Снимките и фотографиите од социјалните мрежи покажуваат искршени автомобили, урнати градски водни кули и свиткани стебла на дрвја.
Градската болница во споменатиот регион за време на невремето остана без струја, што значи дека пациентите и жителите на старечките домови мораа да бидат префрлени на лекување во други градови.

Американскиот конгресмен Бени Томпсон, кој го претставува регионот Делта во Вашингтон и е единствениот демократ во конгресната делегација на Мисисипи, рече дека многу општински згради во Ролинг Форк се целосно уништени или тешко оштетени, вклучително и полициската станица, градското собрание и судот, пишува The Guardian.
Раните проценки на Националната метеоролошка служба, добиени од извештаите за бура и податоци од радарот, го нагласија огромниот размер и моќ на торнадото. На скала од 5, „твистерот“ добил оцена EF-4, што значи дека неговите максимални налети на ветерот биле помеѓу 100 и 120 милји на час.

Метеоролозите процениле дека торнадото било на земја повеќе од еден час и поминало најмалку 170 милји, километража што ја опишале како „многу ретка“.

