Реал Мадрид беше поразен со 0:2 на гостувањето кај Ливерпул во Лигата на шампионите и моментално го држи 24. место на рангирањето на клубовите во тоа натпреварување со шест освоени бода. Во шпанското првенство е на второто место со натпревар помалку и четири бода помалку од Барселона, соблекувалната му е истенчена од повреди, а пред него е „пеколен распоред“.
Вака Marca ги опишува следните седум натпревари во период од три недели, притоа наведувајќи што ги чека бранителите на шампионите во Лигата на шампионите и Ла Лига во декември. Откако во неделата играше со Хетафе на Сантијаго Бернабеу, „маратонот“ на Реал влегува во најкомплицираната фаза со серија гостувања.
Атлетик и Жирона ќе се соочат со шпанскиот шампион со три дена разлика, а потоа, три дена по средбата во Каталонија и „без време да се свари што се случи“, Реал ќе игра против Аталанта во Лигата на шампионите. Со италијанскиот тим кој е во одлична форма, капитенот Лука Модриќ и неговите соиграчи имаат натпревар кој Marca го опишува како клучен доколку не сакаат да влезат во големи проблеми.
По три патувања, следува едно поблиско гостување, во Рајо Ваљекано, а потоа патување во Катар, каде ќе играат против се уште непознат противник во финалето на Интерконтиненталниот куп. Реал ќе го заврши натпреварувањето во календарската година со домашен натпревар против Севиља.
Напорниот распоред на Реал ќе биде без некои клучни играчи бидејќи на списокот на повредени во моментов се Дани Карвахал, Давид Алаба, Едер Милитао, Винисиус Жуниор, Родриго и Орелјен Чуамени.
„Вкупно седум натпревари во 22 дена, од кои пет на гости, ќе го одредат расположението во кое Реал ќе влезе во 2025 година“, истакнува Marca, наведувајќи дека поразот од Ливерпул го вклучил алармот за клубот, кој се соочува со серија на тешки игри во краток период.
1 декември, Ла Лига, Хетафе
4 декември, Ла Лига, Атлетик
7 декември, Ла Лига, Жирона
10 декември, Лига на шампиони, Аталанта
14 декември, Ла Лига, Рајо Ваљекано
18 декември, Интерконтинентален куп, се чека противникот
22 декември, Ла Лига, Севиља.