Авто новости

Реални бројки за електричните автомобили: Колку километри може да поминат со едно полнење на батеријата?

27. јануари 2020 - 19:12 | А.С.

Во време кога електричните возила земаат сѐ поголем замав на пазарот, а многу земји се соочуваат за загадување на воздухот, се поставува прашањето кои се вистинските бенефити од возењето „на струја“?

Токму затоа, беа тестирани шест популарни електрични модели во идентични услови на автопат, за да се провери колку километри може да поминат со едно полнење на батеријата и колку овој реален податок се поклопува со она што стои во фабричката декларација.

Ограничениот досег на електричните возила е еден од главните аргументи против нивното користење, а дополнителен проблем е што теоретската автономија не може да се гарантира во пракса после одредено користење на батеријата.

Забуни во врска со автономијата на електричните возила најчесто се јавуваат поради разликите во стандардот по кој е мерена - WLTP во Европа или EPA на „другата страна од океанот“. На автономијата на електричното возило во реални услови може да влијаат бројни фактори, како услови во сообраќајот, конфигурација на теренот, стилот на возење, температурата на атмосферскиот воздух, разните потрошувачи на струја во возилото и така натаму.

Британски Carwow сакаше да провери колку се разликува фабрички декларираниот досег на одредени модели на електрични автомобили во споредба со оној во реални услови.

За тест-патека беше избран автопат во Велика Британија, а беа тестирани следните модели на електрични возила: Nissan Leaf, Kia e-Niro, Audi e-tron, Jaguar I-Pace, Mercedes EQC и Tesla Model 3 во Long Range верзија.

Сите шест модели беа возени со активиран темпомат, при брзина од 70 милји на час (112 км/ч) што е дозволената брзина на британските автопатишта, а клима-уредот во сите возила беше нагоден на иста температура, за да бидат условите идентични за сите модели.

Тестот покажа дека најлош сооднос на реалната со фабрички декларираната километража со едно полнење на батеријата има Mercedes EQC кој успеа да помине 312 километри или 75% од наведената автономија.

На петтата позиција по процентуална ефикасност се најде Jaguar I-Pace со 359 километри, што изнесува 76% од фабричката километража. Четвртото место го зазеде Tesla Model 3, кој помина 434 километри или 78% од автономијата што ја наведува производителот.

Трет по ефикасност е Audi e-tron со 331 километар, односно 81% од наведената километража. Вицешампион во тестирањето е Nissan Leaf со 334 километри и 87%, додека на прво место е Kia e-Niro кој успеа да помине 410 километри, што е 90% од декларираната автономија.

Коментирај