Многумина се изненадени од успехот на партијата Левица на германските парламентарни избори во 2025 година, веројатно и самата Левица.
Со речиси девет проценти од гласовите, партијата речиси го удвои својот резултат од 2021 година. За ова придонесе и возрасната група од 18 до 24 години, во која 25 проценти од гласачите гласале за Левицата.
Како да се објасни овој изборен резултат, се прашува и политикологот Антониос Сурис од Слободниот универзитет во Берлин.
Според неговото мислење, сè уште е рано за конечни одговори, но постојат одредени показатели:
„Тука се и кандидатите кои ја персонифицираат изборната програма“, вели Сурис во интервју за DW.
Со тоа мисли на политичарите на Левицата како водечката кандидатка Хајди Рајхинек или Ферат Коџак, кој во берлинската населба Нојкелн, позната по големиот број мигранти, изненадувачки освои директен мандат.
Се чини дека двајцата за време на кампањата го пронашле вистинскиот тон и се фокусирале на теми кои се особено важни за младите: пристапни цени на станарините, подобро образование и социјална правда. Исто така, нивната посветеност на борбата против расизмот очигледно наишла на одѕив кај гласачите.
Политикологот Сурис укажува и на двојниот пристап во кампањата: илјадници посети на домаќинства и успешна кампања на платформите X и TikTok. Левицата постигна особен успех со оваа дигитална офанзива, бидејќи досега интернет просторот беше домен на десничарската Алтернатива за Германија (AfD/АфД).
Десничарската АфД исто така оствари добар резултат меѓу помладите гласачи до 24 години, освојувајќи 21 процент од гласовите, веднаш зад Левицата.
Впечатлива е споредбата со изборите за Европскиот парламент во јуни 2024 година: тогаш АфД, која германскиот Уставен суд делумно ја смета за екстремно десничарска, имаше 16 проценти поддршка меѓу младите, додека Левицата мораше да се задоволи со само шест проценти.
Оттогаш двете партии значително зајакнаа: АфД го подобри својот резултат за речиси една третина, додека Левицата повеќе од четирикратно ја зголеми поддршката. Никогаш порано овие две партии не добиле толку гласови од младите гласачи. Сепак, помладите генерации отсекогаш биле поподложни на политички екстреми, вели Ридигер Мас од Институтот за истражување на генерации во Аугсбург.
„Тие сакаат поголеми промени отколку постарите гласачи“, објаснува Мас за неделникот Spiegel. Кога една млада личност не е задоволна со моменталната ситуација, поверојатно е дека ќе ја поддржи опозицијата.
Мас и неговиот тим во јануари испитале околу 4000 луѓе за своето истражување на младите гласачи, фокусирајќи се на нивните стравови и грижи.
„Се покажа дека младите се многу поанксиозни од остатокот од населението.“
Интересни се разликите меѓу половите: младите мажи најмногу се плашат од миграциите и финансиската несигурност, што е причина зошто АфД ги привлекува со своите ветувања. „Младите жени, од друга страна, стравуваат од јакнењето на десниот популизам и доведувањето во прашање на феминизмот и разноликоста - што го објаснува успехот на Левицата“, вели Мас.
Интересно е да се спомене дека на изборите во 2021 година две други партии биле омилени меѓу младите: Сојузот '90/Зелените со 23 проценти и Слободните демократи (ФДП) со 21 процент. Речиси четири години подоцна меѓу гласачите од 18 до 24 години двете партии доживеале голем пад - Зелените паднале на 10 проценти, а ФДП на само пет проценти.
Политикологот Антониос Сурис го објаснува ова со тоа што двете партии морале да прават бројни компромиси како дел од владејачката коалиција. Исто така, општествената клима во Германија се променила.
„Со години низ медиумите се провлекуваше слика дека младите гласаат исклучиво за Зелените“, вели Сурис. Се сеќава на тогашната перцепција: „Младите се сите вегетаријанци или вегани, сите одат на протести Петоци за иднина (Fridays for Future)“. Меѓутоа, овој стереотип не го издржа тестот на времето.
Редовните испитувања можат да помогнат во разбирањето на мотивите на младите гласачи. Едно од нив е познатата Шелова студија за младите, која се спроведува од 1953 година. Последното истражување е објавено во октомври 2024 година, четири месеци пред парламентарните избори. Околу 2500 деца и млади до 25 години учествувале во испитувањето.
Кога биле прашани за нивните најголеми стравови, „војна во Европа“ (81 процент) и „сиромаштија“ (67 проценти) биле најчесто споменуваните теми. Климатските промени и понатаму се високо позиционирани како закана (63 проценти). Овие прашања се во центарот на политиката на Левицата.
„Ксенофобијата“ загрижувала 58 проценти од испитаниците, додека „миграцијата во Германија“, што е едно од клучните прашања на АфД, се нашла на дното на листата со 34 проценти.
Иако детални анализи допрва треба да бидат спроведени, едно е јасно: младата генерација денес е позаинтересирана за политика отколку кога било порано.
Според актуелната студија на Shell, тоа важи за половина од сите млади во Германија. На почетокот на 2000-тите тој број бил 30 проценти. Исто така, расте бројот на оние кои сакаат да се информираат и ангажираат.