Редок вид кит исплива на брег во Нов Зеланд, а официјалните лица велат дека речиси „ништо не се знае“ за овој вид.
Китот беше пронајден покрај плажа во близина на устието Таиари во регионот на јужниот остров Отаго минатата недела кога локалните жители го предупредија Одделот за конзервација (ДоЦ - Department of Conservation). Долг е околу 5 метри.
„Се чини дека се работи за машки лопашесто-забест кит - вид толку редок што ништо не се знае за него“, велат научниците од ДоЦ.
Официјалниот претставник на ДоЦ, Гејб Дејвис рече дека „ако се потврди дека е овој вид кит, тоа ќе биде многу значајно научно откритие“.
„Китовите со лопашети заби (Mesoplodon traversii) се еден од најслабо познатите големи видови цицачи во модерното време. Од 1800-тите, само 6 примероци се документирани ширум светот, а сите освен еден се од Нов Зеланд. Од научна и конзерваторска гледна точка, ова е огромно“, рече Дејвис.
ДоЦ ги испрати генетските примероци на Универзитетот во Окленд.
Може да бидат потребни недели или месеци за да се обработи ДНК и да се потврди конечната идентификација на видот, велат тие.