Музика

„Реинкарнацијата на Џенис Џоплин“: 13-годишно девојче покажа дека рокенролот се уште има душа

20. септември 2018 - 20:07 | М.Д.

Девојчето од Велика Британија Кортни Хедвин има само 13 години, но тоа не ја спречи буквално да растури на натпреварувањето „America’s got talent“, каде сите беа воодушевени од нејзините вокални способности, а членовите на жирито дури рекоа дека таа е „реинкарнацијата на Џенис Џоплин“.

Ова срамежливо девојче иако беше еден од главните фаворити, на крај не дојде до победа на споменатото натпреварување, но таа полека станува вистинска рокенрол ѕвезда, која кога ќе настапи на сцената прави едноставно луѓето да се наежат од нејзиниот прекрасен глас.

И покрај тоа што заврши на неочекуваното и разочарувачко шесто место, што многумина сметаат дека не е праведно, Кортни доби одлични пофалби и критики од членовите на жирито, кои ја поттикнаа да продолжи по овој пат, бидејќи единствено младите како неа можат да го вратат рокенролот и повторно да го направат популарен жанр, односно да покажат дека тој и понатаму има душа.

„Секогаш велам дека најважниот дел кога си ѕвезда е да те запаметат и луѓето да знаат што правиш. Секогаш кога ти ќе настапиш, луѓето ќе те паметат, ќе ги инспирираш. Ти ќе и раскажуваш на цела една генерација што е тоа рокенрол и кои се сите тие култни песни. Така што, ти си прекрасна пејачка. Без луѓе како тебе, ние не изгледаме добро“, гласеше коментарот на најстрогиот член на жирито Сајмон Кауел.

Иако Кортни остана разочарана откако на шоуто победи магионичарот Шин Лим, се надеваме дека ќе продолжи по патот да стане вистинска рокенрол ѕвезда.

Во продолжение да се потсетиме на нејзините фантастични настапи:

Коментирај