Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо утре ќе остане запишан во фудбалската историја како играч кој одиграл најмногу натпревари за една репрезентација.

Доколку игра против Лихтенштајн во 1. коло од квалификациите за следното Европско првенство, што е сосема извесно, португалскиот ас ќе ја достигне бројката од 197 натпревари во репрезентативниот дрес и со тоа ќе стане апсолутен светски рекордер.
На овој начин Роналдо ќе го надмине Бадер Ал Мутав од Кувајт, кој одигра 196 натпревари за репрезентацијата на својата земја и долго време беше неприкосновен.
Роналдо за Португалија дебитираше во 2003 година, а во досегашните 196 настапи постигна 118 голови, што е и меѓународен рекорд.
Го освои и Европското првенство во 2016 година, како и Лигата на нации во 2019 година, а со Португалија учествуваше на пет светски првенства.