Останати спортови

Реваншот помеѓу Џошуа и Руиз ќе се одржи до крајот на оваа година

5. јуни 2019 - 15:43 | К.З.

Британскиот боксер Ентони Џошуа неочекувано загуби во дуелот против Мексиканецот Енди Руиз Џуниор и ги загуби сите претходно освоени шампионски појаси. Клаузулата за реванш беше активирана и двајцата боксери повторно ќе ги одмерат силите во ринг на крајот од оваа година, во ноември или декември.

Информацијата ја потврди и Еди Херн, прометерот на Ентони Џошуа, само неколку дена откако Руиз ја приреди една од најголемите сензации во историјата на боксот.

Мексиканецот излезе како победник од рингот во Њујорк, а со него ги понесе шампионските појаси од IBF, WBO и WBA федерациите. Реваншот беше предвиден во оригиналниот договор за борба преку клаузула која можеа да ја активираат боксерите. Херн рече дека клаузулата била активирана во вторник, откако двете страни разговарале меѓусебно.

„По разговор со тренерот на Џошуа и менаџментот во Њујорк ја активиравме клаузулата за реванш со боксерот Енди Руиз. Борбата ќе биде одржана во ноември или декември оваа година“, потврди Херн на Twitter.

Во текот на борбата, Руиз четирипати го кутна на земја Џошуа иако пред дуелот важеше како огромен аутсајдер. Новиот светски шампион во тешка категорија е роден во САД, но се бори под мексичко знаме.

„И понатаму сакам борба против Деонтеј Вајлдер, но пред тоа мора да се случи реванш со Руиз. Јас и понатаму сум шампион и ќе го потврдам тоа кога ќе ги вратам појасите“, изјави Ентони Џошуа по закажувањето на борбата.

Коментирај