Култура

Режисерката Витошевиќ за „Мојот маж“:, Инсистиравме јазикот на раскажување на Румена да остане што е можно поавтентичен

14. февруари 2020 - 11:24 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Претставата „Мојот маж“, работена според истоимената книга раскази од писателката Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ, ќе има претпремиера вечерва во 20 часот во Драмски театар-Скопје, а в сабота премиера.

Од книгата на Бужаровска се избрани шест раскази чија драмска адаптација ја направија Викторија Рангелова-Петровска и режисерката Витошевиќ. На вчерашната прес-конференција посочи дека претставата отвора три клучни теми: промашен живот во депресивно опкружување, неверство и грижа на совест. Се обиделе, рече, да нурнат во своите мисли и да трагаат по психата за да отворат горливи прашања во нашето општество.

Костимoграф е Роза Трајчевска-Ристоска, а сценографијата на Константин Трпеноски.

Во разговор со Kajgana.com Бужаровска зборуваше за процесот низ кој поминале приказните од страници на сцена, како и за нејзиното мислење за крајниот резултат.

Разговаравме и со режисерката Нела Витошевиќ, за предизвикот да се адаптира расказот како форма во драмски текст.

-Најголем дел од „новата европска драма“  како основа ја има наративната форма. Таа наративна форма некогаш е испреплетена со дијалози, но многу често тие современи драми се целосно напишани само во нарација. Ваквиот пристап мене многу ми се допаѓа, близок е на мојот сензибилитет, а и моето искуство во режирање на овој тип проекти не е воопшто мало. Од тој аспект немаше потреба да се прават којзнае какви промени во самите раскази, бидејќи нивната основа е брза, активна нарација исппреплетена со дијалог. Таа форма ја сакам и со задоволство ја прикажав на сцена. Драматизацијата ја направивме заедно со Викторија Рангелова и бидејќи се работи за праизведба, инсистиравме јазикот на раскажување на Румена да остане што е можно поавтентичен, вели Витошевиќ.

Режисерката добила идеја да се вметнат и лични приказни на екипата во драмскиот текст, па го поставивме прашањето: Дали претставата „Мојот маж“ би можела во иднина да прерасне во поширок проект, налик различните верзии на „Вагинални монолози“?

-Не сум размислувала за такво нешто. Она што мене лично ми се допаѓа кај Румена се едноставноста и леснотијата на зборот со кои успева да извади многу вистини за нашето поднебје, а истовремено сурово да ги коментира последиците од патријархатот и македонскиот конзервативизам. Тоа е нешто со кое длабоко се занимаваме во претставата, а од кое произлегоа авторските монолози. Пробавме да отвориме некои значајни аспекти од секојдневието кои вообичаено се премолчуваат. Затоа и мислам дека претставата на суптилен начин повикува на разговор и размислување за одредени општествени горливи прашања, изјави Витошевиќ за Kajgana.com.

Следната изведба на „Мојот маж“ е закажана за на 20 февруари, а претставата ќе биде ставена на редовниот репертоар на Драмски театар-Скопје.

Коментирај