Филм & ТВ

Ричард Гир и Алехандра Силва потврдија дека очекуваат бебе

17. септември 2018 - 19:29 | К.З.

Откако медиумите во последните месеци силно шпекулираа дека 69-годишниот актер Ричард Гир и неговата 34 години помлада сопруга Алехандра Силва очекуваат бебе, парот денеска тоа јавно го потврди преку фотографија објавена на Instagram.

Ричард Гир и Алехандра Силва се венчаа во април, а претходно неколкупати проговорија за можноста да имаат дете. Холивудскиот актер претходно неколкупати се шегуваше дека веќе станува стар за да чува бебиња, но исто така кажа дека му е огромна желба да има дете со Шпанката Алехандра Силва.

Тие двајцата беа во посета на Холандија, каде се сретнаа со Далај Лама и го добија неговиот благослов. Фоторепортерите го уловија овој момент, а Алехандра Силва ја објави токму таа фотографија на нејзиниот Instagram профил.

„Многу посебен момент пред само неколку минути...Добивме благослов за доаѓањето на нашето бебе“, напиша Силва под фотографијата.

Пред да стапи во брак со Алехандра Силва, Ричард Гир беше во брак со супермоделот Синди Крафорд од 1991 до 1995 година, и со Кери Лоуел од 2002 до 2016 година, со која го има синот Хомер. Исто така, Алехандра има петгодишен син од претходниот брак.

Коментирај