Еден од најстарите пациенти заболени од COVID-19, 101-годишен маж од италијанскиот град Римини, закрепна од болеста, пренесоа денеска италијанските медиуми.
Добрите вести за 101-годишникот ги пренесе заменичката-градоначалник на Римини Глорија Лиси, велејќи дека „г-дин П. успеал“, и дополни дека тој синоќа ја напуштил болницата во Римини и „заминал кај своето семејство“.
„Господин П. од Римини е роден во 1919 година среде друга трагична светска пандемија. Тој видел сè во животот: глад, болка, напредок, кризи и закрепнување. По 100 години живеење тој е сведок на нов предизвик, невидлив и опасен во исто време. Надежта за иднината е во овој човек, кој е постар од 100 години, во време кога во тек е пандемија смртоносна за постарите луѓе. Тој успеа да ја победи болеста. Господин П. нè научи дека дури и на 101 година иднината сè уште е непозната“.
Италијанецот не е првиот стогодишен човек кој ја победи болеста COVID-19, претходно во март 101-годишен жител на Вухан успеа да оздрави, како и 103-годишна жена од Иран.
Во Италија, каде што повеќе од 60.000 луѓе се заразени со коронавирусот, се очекува дека оваа недела ќе биде клучна за резултатите од строгите мерки преземени од Владата на земјата.