Во деветтото коло од SuperSport HNL, Динамо на гости го победи Вараждин со 1:0. Стрелец на единствениот гол беше Хуан Кордоба.
По првата четвртина од првенството, избраниците на тренерот Ненад Бјелица имаат 19 бодови, колку и Ријека, додека Хајдук е лидер со два бода повеќе.
Дефанзивецот на Динамо, Стефан Ристовски, даде изјава за официјалната страна на клубот по натпреварот во Вараждин.
„Би рекол 6 бодови со оглед на условите. Навистина, ова е под секое ниво на професионален фудбал. Мислам дека не би зборувал премногу за тие услови. Мило ми е што победивме и тоа е најважно денес“, изјави македонскиот репрезентативец.
На коментарот дека теренот условувал многу работи и дека било невозможно да се примени комбинираната игра на која цели тимот, но сепак покажале карактер по натпреварот против Монако во средата, Ристовски рече:
„По исклучително тешките 90 минути во средата против тежок противник како Монако, да се дојде на ваков терен и да се прилагоди, да се покаже ваков карактер, тоа ми е фасцинантно, честитки до целата соблекувална“.
Ристовски додаде дека треба да се одморат што е можно поскоро и да почнат одново.