Авто новости

Ривалот на Tesla го претстави „камионот на иднината“

6. ноември 2018 - 12:47 | К.З.

Компанијата Nikola Motor Company објави фотографии и технички детали од камионот со погон на водород кој во наредната деценија ќе патува низ европските патишта. Дали Tesla конечно наиде на противник на кого треба да внимава?

Американската стартап компанија Nikola Motor, која и понатаму е во сенка на далеку попознатиот произведувач на електрични возила Tesla, го претстави новиот камион наречен Tre, кој е наменет за европскиот пазар.

За разлика од Semi на компанијата Tesla, кој се движи со помош на електромотори и погонски батерии во кои е складирана електрична енергија, камионите кои ги проектира компанијата Nikola Motor ќе користат водородни горивни ќелии, за да генерираат електрична енергија во самото возило која подоцна ќе го придвижи возилото.

Новиот Nikola Tre би требало да го има првото тест-возење во 2020 година, додека во продажба веројатно ќе се најде по 2022 или 2023 година. Овој камион-шлепер ќе биде понуден во неколку погонски конфигурации, со моторна сила од 500 до 1.000 коњски сили. Во зависност од верзијата, со еден резервоар ќе можат да се поминат 500 до 1.200 километри.

Од американската компанија велат дека камионот ќе биде опремен со автопилот кој ќе му овозможи на возилото целосна автономија во возењето. Произведувачот не сакаше да открие каде ќе се произведува Nikola Tre, но објави дека во моментов бара идеална локација во Европа.

Компанијата засега ги објави само компјутерски рендерираните модели на Tre, додека премиерата на прототипот ќе се одржи во април 2019 година. Досега Nikola Motor ги произведе камионите Nikola One и Nikola Two, двата за американскиот пазар.

Коментирај