Музика

Роберт Плант: Веќе не можам да се поврзам со стиховите во „Stairway to Heaven“

13. ноември 2019 - 15:49 | А.С.

Песната „Stairway to Heaven“ на бендот „Лед цепелин“ е објавена во 1971 година. Безвременскиот хит е дело на гитаристот Џими Пејџ и главниот вокал на англискиот рок бенд Роберт Плант. Се смета за најдобрата рок песна на сите времиња.

Токму затоа уште поголемо изненадување е изјавата на Плант за овој рок класик – тој рече дека иако отсекогаш се восхитувал на музичката конструкција на песната, сега никако не може да се поврзе со неа и сопствениот придонес кон ова дело.

„Stairway to Heaven“ беше огромен радиохит во 70-тите иако никогаш не била објавена како сингл. Песната се наоѓа на четвртиот албум на „Цепелин“ кој нема наслов и најчесто се вика едноставно „Led Zeppelin IV“.

„Секако, тоа беше добра песна. Конструкцијата на песната, вистинската музичка конструкција е многу, многу добра. Тоа е еден од оние моменти кои навистина може да стојат самостојно без текст“, рече Плант во разговор со Анкл Џо Бенсон во радиоемисијата Ultimate Classic Rock Nights.

Меѓутоа, тој додаде дека денес во поглед на текстот на песната не може да се поврзе со неа, бидејќи тоа се случило „многу одамна“.

„Денес би немал никаква намера да напишам такви апстрактни стихови. Ја слушам и ѝ симнувам капа, мислам дека песната има некои делови што се неверојатни. Начинот на кој Џими ја води музиката, начинот на кој тапаните речиси ве доведуваат до климакс, а потоа продолжуваат. Тоа е многу убаво дело, но кога станува збор за стиховите и за вокалот, би рекол дека не сум баш сигурен“, искрен беше легендарниот пејач на „Лед цепелин“.

Коментирај