Свет

Рохани ги повика муслиманите да се обединат против САД

24. ноември 2018 - 12:12 | МИА
Техеран, 24 ноември 2018 (МИА) – Иранскиот претседател Хасан Рохани ги повика денеска муслиманите ширум светот да се обединат против САД, нагласувајќи дека муслиманите може да „постелат црвен тепих за криминалците“ или да станат против неправдата.

„Потчинувањето на Западот, на чело со Америка, би било предавство за нашата вера и против идните генерации во овој регион“, рече Рохани на меѓународна конференција за исламско единство што се одржа во Техеран.

„Имаме избор или да поставиме црвен тепих за криминалците или силно да станеме против неправдата и да останеме верни на нашиот Пророк, Коранот и исламот“, истакна Рохани.

Во говорот што во живо го пренесуваше државната телевизија, Рохани рече дека се подготвени да бранат саудискиот народ.

„Подготвени сме да го браниме интересите на саудискиот народ против тероризмот, агресијата и суперсилите и не бараме 450 милијарди тоа да го направиме“, нагласи иранскиот претседател, мислејќи на договорите кои Саудиска Арабија ги има со САД.

Во својот говор, Рохани го нарече Израел „канцероген тумор”, создаден од западните сили за да ги промовира своите интереси на Блискиот Исток. Тој рече дека „една од лошите последици од Втората светска војна е формирањето на канцероген тумор во регионот”, а потоа во својот говор Израел го нарече „лажен режим”, создаден од западните земји. 

Коментирај