Култура

Рокенрол заедницата го возвраќа ударот на турбофолк културата

6. јуни 2017 - 13:23 | Макфакс

Стотина музичари, новинари, професори и консументи на рокенрол културата, што посветиле и повеќе од три децении на развојот на македонската супкултура и воздигнување на рокенрол сцената, вчера се собраа во џебното кино во Младинскиот културен центар, на трибина насловена „Рокенролот како саундтрак за новото министерство за култура“.

Долго акумулирани ставови и револт кон општата атмосфера на шунд култура, за која сите се согласни дека ескалираше во минатите осум години. Дебатата ја слушаше и воедно учествуваше и министерот за култура Роберт Алаѓозоски, кој беше поздравен со огромен аплауз.

Гитаристот Влатко Стефановски, Пеце од „Суперхикс“, Петрит Сарачини, Тошо Филиповски, Виолета Симјановски, Џабир Дерала беа само дел од учесниците што ги изнесоа своите размислувања и иницираа бројни дискусии од присутните. Подобар статус, стимулирање музики рокенрол изданија, заштитата на авторските права, се само дел од проблемите што ги мачат “рокерите“.

„Рокенролот е непријател на секоја диктатура, па затоа тој максимално беше отстранет од сите институционални рамки. Многумина беа исфрлени од сцената. Иако андерграундот и вониституционалното делување се својствени за рокенролот, сепак, многумина од нас треба да добијат некој статус во општеството и да делуваат за создавање квалитетна културолошка атмосфера“, согласни се тие.

Влатко Стефановски сподели дел од искуствата во некои земји во светот.

„Секој уметник што самиот објавил песна, насликал слика или направил каков било уметнички производ треба да биде ослободен од данок. Државата треба да има мерки за стимулирање на уметноста, и тоа може лесно да се преземе од некои земји од светот. Исто така е сосема нејасно како едно министерство за култура може да доделува награди од илјадници евра на фолк фестивали“, смета тој.

На ова се надоврза Пеце од „Суперхикс,“ кој смета дека таа агенда често да гостуваат турбофолк ѕвезди кај нас е делумно за да се работи на интелектуално и духовно затапување на народот, но, исто така, овие фолк имиња лесно перат пари во Македонија.

„Честите настапи на некакви Карлеуши, Аца Лукац, Цеца… се недозволиви. Точно е дека се масовно посетени, но таа публика се постигна со наметнување и пропаганда на оваа шунд култура, веќе повеќе години наназад. Медиумите се преплавени со фолкери, и никој не информира и уште помалку зборува за квалитетна музика“, смета тој.

Според Алаѓозовски, радува фактот што оваа рокенрол заедница има конкретни предлози и барања, и во наредниот период ќе се прават напори да се вратат квалитетните културни вередности, во кои секако е и рокенролот.

„Затекнувам многу проблеми културата. Ќе мора во првите три месеци да се направи ревизија на проблемите па потоа да се дадат приоритети. Ѝ советувам на рокенрол заедницата да се обедини, да направи административна стратегија, и натаму ќе делуваме заедно“, рече Алаѓозовски.

Ова е прва дебата на рокенрол тема по многу години, и со оглед на големиот интерес, во наредните месеци ќе бидат организирани уште неколку.

Коментирај