Фудбал
ЛИГА ЕВРОПА 2019/20

Рома убедлива, Манчестер одвај, бламажа на Менхенгладбах

20. септември 2019 - 8:50 | Ф.З.

Арсенал славеше во Франкфурт, Селиља без проблеми во Азербејџан, Лацио се сопна во Романија, а најголемото изненадување го приреди Дуделанж кој го совлада АПОЕЛ на гости.

Римјаните не ја забележаа најубедливата победа во синоќешното прво коло бидејќи Базел со 5:0 со нокаутираше Краснодар, но по играта покажаа најмногу. Башакшехир прв си постигна автогол преку Жуниор Кајсара, а во вториот дел Един Џеко, Николо Ѕаниоло и Џастин Клајверт се погрижија за голема победа.

Манчестер Јунајтед наиде на неочекувани проблеми против Астана па наместо очекуваната голеада на своите навивачи им приреди стресен натпревар плашејќи се за победата сѐ до 73-тата минута кога 17-годишниот Мејсон Гринвуд го скрши бункерот на Казахстанците.

Борусија од Менхенгладбах им приреди вистински шок на своите навивачи откако дома доживеа понижување од австриски Волфсбергер губејќи со 0:4. Шон Вајсман, Марсел Рицмајер и на двапати Марио Лајтгеб беа творци на големата победа.

Поголема резултатска неизвесност се очекуваше на дуелот во Фрaнкфурт помеѓу Ајнтрахт и Арсенал, но гостите сепак на крајот заминаа со убедлива победа. Џозеф Вилок го отвори резултатот пред паузата, во 79-тата минута Доминик Кор ги остави домаќините со играч помалку поради втор жолт по што во последните минути „топчиите“ дадоа уште два гола преку Бакајо Сака и Пјер-Емерик Обамејанг.

Карабаг оддолеваше на нападите на Севиља сѐ до 62-рата минута кога Хавиер Ернандес го отвори резултат, а потоа Мунир Ел Хадади и Оливер Торес ги докрајчија Азербејџанците.

Лацио поведе на гости кај Клуж со голот на Бастус, но потоа Романците направија пресврт и ја однесоа победата. Чипријан Деак од пенал и Билел Омрани беа стрелците на головите.

Најголемото изненадување го приреди луксембуршскиот тим Дуделанж, истиот оној кој во квалификациите ја елиминираше Шкендија. И тоа во интересен натпревар полн со пресврти. Дуделаж поведе со 0:2, потоа АПОЕЛ со три гола од 54-та до 58-ма минута направи пресврт поведувајќи со 3:2, а во последните дваесетина минути гостите постигнаа два гола и со 3:4 прославија победа.

Во останатите натпревари, киевски Динамо со 1:0 беше подобар од Малме, ПСВ со 3:2 го победи Спортинг за кој не беше во комбинација Стефан Ристовски, Селтик одира 1:1 на гости кај Рен, Еспањол се лизна дома играјќи 1:1 со Ференцварош, Порто го победи Јанг Бојс со 2:1, Партризан и АЗ одиграа 2:2, Ренџерс славеше минимално над Фејнорд, а голема победа од 5:1 и тоа со пресврт прокнижа Лудогорец над московска ЦСКА.

Коментирај