Кристијано Роналдо и претходно изрази намера да го напушти Манчестер Јунајтед, а иако англискиот клуб се надеваше дека тој ќе се предомисли, тоа изгледа сè поневеројатно.

Се чини дека Португалецот не размислува за останување на „Олд Трафорд“, а по вчерашниот пораз на домашен терен од Брајтон, само се зголемуваат причините за Кристијано да ги напушти „Црвените ѓаволи“.
Иако причината за заминувањето е тоа што сака да игра во Лигата на шампионите, фактот што беше замена против Брајтон може дополнително да ја поткрепи неговата желба да замине. Ерик тен Хаг го остави на клупата, но Португалецот тоа би можел да го искористи како гориво за да притисне за трансфер, пишуваат британските медиуми.
Исто така, не помогна ниту поразот пред неговите навивачи. Играта на тимот на Тен Хаг беше доста разочарувачка, далеку од тоа како треба да биде тим кој сака да ја освои титулата.
Појавувањето на Кристијано на клупата може да биде и казна од Тен Хаг. Имено, Португалецот го напушти „Олд Трафорд“ на полувремето од пријателскиот натпревар против Рајо Ваљекано, што воопшто не му се допадна на тренерот на Јунајтед.
„Повеќе играчи го направија тоа. Јас не го прифаќам. Апсолутно не. Тоа е неприфатливо. Им велам, тоа е неприфатливо. Ние сме тим, ние сме тим. Мора да останете до крај“, рече тој.