Фудбал

Роналдо, Модриќ и Салах се кандидатите за Најдобар играч на годината според УЕФА

20. август 2018 - 16:32 | К.З.

УЕФА денеска ги објави трите имиња кои се во конкуренција за наградата Најдобар играч на годината. Поради клупските успеси во рамките на натпреварувањата под капата на УЕФА, за наградата годинава ќе се борат Лука Модриќ, Кристијано Роналдо и Мохамед Салах.

Тројцата играчи влегоа во финалниот избор на 80 тренери од светот и 55 новинари од земјите низ светот.

Оваа награда почна да се доделува од сезоната 2010/2011, а најчесто традиција е неа да ја добие еден од играчите на клубот кој минатата сезона ја освоил Лигата на шампионите. Името на добитникот на наградата ќе се дознае на 30 август, на свечената церемонија која ќе се одржи во Монте Карло.

Во сезоната зад нас, овие тројца играчи оставија најдобар впечаток и со право се наоѓаат во борба за наградата. Кристијано Роналдо ја освои Лигата на шампионите и беше најдобар стрелец во натпреварувањето, Лука Модриќ беше незаменлив дел од тимот на Реал Мадрид, додека Мохамед Салах го однесе неговиот тим до финалето и притоа го сруши рекордот за најмногу постигнати голови во Премиер лигата.

Покрај овие тројца, познати се и кандидатите за останатите награди:

Најдобар голман: Алисон Бекер, Џанлуиџи Буфон, Кејлор Навас

Најдобар одбранбен играч: Марсело, Серхио Рамос, Рафаел Варан

Најдобар играч од средината: Кевин де Бруин, Тони Крос, Лука Модриќ

Најдобар напаѓач: Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Мохамед Салах

Најдобра фудбалерка: Пернил Хардер, Ада Хегерберг, Амандин Хенри

Најдобар играч во Лига Европа: Диего Годин, Антоан Гризман, Дмитри Пајет

Коментирај