Манчестер Јунајтед го раскина договорот со Кристијано Роналдо. Оваа вест силно одекна во фудбалскиот свет, но никого не изненади премногу. Португалецот се врати во Јунајтед во летото 2021 година од Јувентус со отштета од 17 милиони евра.

Непосредно пред клубот официјално да ја објави веста, Роналдо на својот Instagram профил се пофали со нов спонзор кој му направи стилизиран часовник. Освен што тајмингот на ваквата објава е многу необичен со оглед на сè што се случува меѓу него и клубот, спорен е и детаљот на часовникот.
На рачниот часовник има слика на Роналдо од 2013 година кога постигна гол со глава во дресот на Реал, против Манчестер Јунајтед. Многумина сметаат дека ова е уште еден низок удар на Португалецот кон клубот и провокација за навивачите на Јунајтед.
Четири реченици по заминувањето од Јунајтед
Договорот со Јунајтед бил раскинат со заемна согласност, откако Португалецот се нафрли на раководството и тренерите на клубот во контроверзното интервју за Пирс Морган. Тој рече дека Јунајтед го изневерил, дека е полн со неспособни луѓе и дека ништо не се сменило во 12-те години откако заминал.
Роналдо, кој е со репрезентацијата на Португалија на Мундијалот во Катар, на Twitter објави четири реченици со кои се збогува со клубот во кој постигна 27 гола од враќањето во летото 2021 година.
„По разговорот со Јунајтед, се договоривме да го раскинеме договорот со заемна согласност. Го сакам Манчестер Јунајтед и неговите навивачи и тоа никогаш нема да се промени. Но, мислам дека е време да бараме нови предизвици. Му посакувам на тимот успех во оваа и во идните сезони“, напиша Португалецот.
Marca, мадридски весник кој има одлични односи со агентот на Роналдо, Жорге Мендеш, тврди дека Роналдо избира меѓу два клуба - англиски Њукасл и саудиски Ал Наср. И двата клуба се во сопственост на инвестициски фонд од Саудиска Арабија на чело со принцот Мохамед Бин Салман. Роналдо неодамна потврди дека минатото лето имал понуда од Саудиска Арабија.