Капитените на 4 европски репрезентации не прифатија да носат капитенска лента во боите на виножитото на Мундијалот во Катар.

ФИФА се најде под голем притисок од страна на неколку европски федерации, пред сѐ ФА и КНВБ, кои побараа сите капитени на претстојниот Мундијал да носат капитенска лента во боите на виножитото, што симболизира борба против било каква дискриминација во фудбалот.
„Носењето на оваа лента ќе испрати јасна порака низ светот“, изјави капитенот на Англија, Хари Кејн.
Кампањата „Една љубов“ против дискриминацијата во фудбалот почна во Холандија, чија репрезентација на Мундијалот е во група со домаќинот Катар, земја позната по разните ограничувања на човековите слободи и права. Од 13-те европски репрезентации кои изборија пласман, дури 8 ја прифатија иницијативата, а Англија потоа го презеде приматот од Холандија и сега преку социјалните мрежи и медиумите повикува на носењето ваква лента.
Иницијативата ја прифатија Франција, Германија, Швајцарија, Велс, Белгија и Данска, додека ја одбија Србија, Хрватска, Португалија и Шпанија. Тоа значи дека нивните капитени Душан Тадиќ, Лука Модриќ, Кристијано Роналдо и Серхио Бускетс нема да носат виножито на раката.
Последната европска репрезентација, Полска, исто така нема да носи виножито, но нема ни да носи обична лента бидејќи Роберт Левандовски пред некој ден од Андриј Шевченко доби лента со боите на украинското знаме, која ќе ја носи за време на натпреварите.