Фудбал

Росонерите добија ново засилување: Пјонтек пристигнува во Милано

22. јануари 2019 - 18:29 | К.З.

Џенова и Милан конечно најдоа заеднички јазик околу трансферот на полскиот напаѓач Кжиштоф Пјонтек, кој уште вечерва ќе отпатува за Милано за да ги помине утрешните медицински прегледи.

Милан беше во потрага по напаѓач кој ќе ја пополни дупката која зад себе ја остава Гонзало Игуаин, кој чекаше дозвола од клубот за да го напушти Милано и да отпатува за Лондон, каде се очекува да стане нов играч на Челзи.

За услугите на Кжиштоф Пјонтек, Милан ќе одвои 35 милиони евра, а играчот ќе потпише петгодишен договор вреден 2 милиони евра по сезона. Милан се обиде да вметне некој од сопствените играчи (Андреа Бертолачи, Раул Беланова) за да го комплетира трансферот за помала отштета, но Џенова не сакаше да прифати таква зделка.

Полјакот е токму она што му требаше на составот на Милан – голгетер кој ќе го раздвижи тимот во вториот дел од сезоната. Тој во досегашниот дел од сезоната постигна 13 гола и се наоѓа на врвот на листата на стрелци во Серија А.

Вкупно тројца напаѓачи ќе ги променат клупските бои по комплетирањето на овој трансфер. Откако Пјонтек и официјално ќе стане играч на Милан, Гонзало Игуаин ќе замине во Челзи, додека лондонскиот клуб ќе го напушти Алваро Мората, кој се очекува да потпише за Атлетико Мадрид.

Коментирај