Приредувачите на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ го организираат вториот настан „Кафе со преведувачот“ на 21 јануари, 2021 година во 19 часот, на кој гостинка ќе биде Румена Бужаровска.
Бужаровска е писателка, професорка, преведувачка и од неодамна прва амбасадорка на „Вавилон“. Преведува од англиски на македонски (Џон. М. Куци, Луис Карол, Труман Капоти, Ијан Рид, Фланери О’Конор) и предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет во Скопје.
„Знаеме дека ќе почнеме со муабет за квалитетот и важноста на книжевните преводи, за читателската публика, за Вавилон, предизвиците кај нас, студентите, а каде ќе завршиме, ќе видиме“, велат организаторите во најавата за настанот на социјалните мрежи.
Настанот е од отворен карактер и бесплатен, каде што и самите учесници ќе имаат можност да ги споделат своите согледувања.
Можете да се приклучите на ОВОЈ линк, со ID 891 4778 2221 и лозинка 016132.
Бужаровска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работи како вонреден професор по американска книжевност на англиската катедра при истиот факултет.
Објавила четири збирки раскази: „Чкртки“ (Или-или, 2007), „Осмица“ (Блесок, 2010), „Мојот маж“ (Или-или, 2014) и „Не одам никаде“ (Или-или, 2018) како и студија за хуморот во книжевноста „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“ (Блесок, 2012). Расказите ѝ се објавени во превод на англиски, хрватски, украински, српски и германски јазик.